По успешните концерти со Филхармонијата на РСМ – „Ну погоди“ и „Љубов и револуција“, кои се случија под името „Филхармонија на отворено“ во Градскиот парк, потоа авторскиот проект „Нурни длабоко“, кој се одржа во Античкиот театар во Охрид, како и мултимедијалниот проект „Гласот на езерото“, следната уметничка дестинација на маестро Џијан Емин е Лондон.
Вечерва во една од најпрестижните концертни сали во светот – „Ројал фестивал хол“, заедно со оркестарот „Сити оф Лондон симфонија“, Џијан Емин ќе настапи како диригент заедно со реномираниот диџеј Дерик Меј, чија успешна соработка трае неколку години на меѓународните сцени. На концертот ќе бидат изведени композиции на Меј и на Емин, за чија оркестрација се погрижи токму македонскиот истакнат уметник. Се работи за нов концепт, во кој се вклучени и неколку џез-музичари, за да се добие нов звучен израз, покрај електроакустичниот пристап кон симфонискиот оркестар.
Концертот ќе претставува нова колаборација со агенцијата „Полиартс“ од Лондон, која е дел од една од водечките светски агенции за класична музика – „Харисон Парот“.
Само да потсетиме, Џијан Емин и пионерот на детроитската техно-сцена Дерик Меј, заедно со Филхармонијата на РСМ, првпат настапија во 2014 година во Охрид, а изминативе години овој проект беше претставен на фестивали и концертни сали низ Европа, Америка и Австралија.