Сондата „Персеверанс“ на Американската вселенска агенција (НАСА) се подготвува за утрешното слетување во кратерот „Језеро“ на Марс. Оваа сонда на НАСА ќе биде петта по ред сонда што ќе ја допре црвената планета.
НАСА објави дека нејзината сонда „Персеверанс“ се наоѓа во совршена позиција пред утрешното слетување на Марс, кое е предвидено да се случи во кратерот „Језеро“, именуван според село во БиХ, што се наоѓа северно од екваторот на планетата.
„Персеверанс“ ќе бара траги на живот. Барањето знаци на древен живот и собирање примероци од карпи, што ќе бидат донесени на Земјата во текот на следната деценија, ќе бидат главни цели на мисијата.
„Персеверанс“ вчера се наоѓал на половина милион километри оддалеченост од целта. Се очекува сондата да испрати сигнал од атмосферата на Марс утре во 21.48 часот по средноевропско време. За пристигнување на комуникациите потребни се 11 минути, поради сегашното растојание помеѓу Земјата и Марс од 190 милиони километри. Тоа значи дека ќе биде невозможно инженерите да интервенираат ако нешто тргне на лошо.
„Персеверанс“ изгледа исто како сондата „Кјуриосити“, што НАСА ја спушти на Марс во 2012 година, но содржи понапредни инструменти и е опремена со повеќе од 20 камери и со неколку микрофони. Две камери се поставени на мал хеликоптер, што ќе се обиде да лета во разретчената атмосфера на Марс.