Метеоритите што се срушиле на Земјата, стари милијарди години, содржат шеќери, откриле истражувачите, потврдувајќи ја идејата дека астероидите содржат некои од основните состојки потребни за создавање еден живот.
– Меѓународен тим на научници пронајдоа биоесенцијални шеќери во метеоритите што содржат и други важни биолошки соединенија – се вели во соопштението на НАСА.
Астероидите или карпестите предмети што орбитираат околу Сонцето во близината на Земјата се матични делови на повеќето метеорити. Според теоријата, хемиските реакции во внатрешноста на астероидот би можеле да создадат витални елементи важни за живот.
Во студијата објавена во списанието „Зборник на Националната академија на науките“, научниците анализирале три метеорити, вклучувајќи го и оној што падна во Австралија во 1969 година, а е стар милијарди години. Во претходните истражувања исто така се обидувале да го испитаат шеќерот во метеоритите, но овој пат истражувачите користеле различен метод на екстракција со солна киселина и вода. Во метеоритот тие пронашле шеќери како што се арабинозата и ксилозата, но најзначаен бил пронајдокот на рибозата.
Рибозата игра исклучително важна улога во човечката биологија. Постои во молекулите на нашата РНК (рибонуклеинска киселина) и пренесува пораки од нашата ДНК за да помогне во градењето на протеините во телото.
– Она што е интересно е дека во таков антички материјал стар милијарда години може да се открие таква кревка молекула како што е рибозата – изјави коавторот на истражувањето Џејсон Дворкин од НАСА.
Откривањето на рибозата исто така укажува на тоа дека РНК еволуирала пред ДНК, што на научниците им дава појасна слика за тоа како би можел да се формира живот.
Дезоксирибонуклеинската киселина (ДНК) веќе долго време се смета за основен темел на еден организам, но молекулите на РНК имаат повеќе способности, како што е размножувањето без помош на други молекули. Од НАСА објаснуваат дека таквите дополнителни способности, во комбинација со фактот дека истражувачите допрва треба да пронајдат шеќери во ДНК на метеоритите, ја поддржуваат теоријата дека „РНК го координирала механизмот на животот пред ДНК“.