Направена е најдеталната мапа на човечкиот мозок досега, која покажува неверојатно количество детали, вклучувајќи модели на врски помеѓу невроните, како и нешто што може да изгледа како нов вид нервни клетки. Картата на мозокот, која е достапна бесплатно на Интернет, покажува 50.000 клетки во три димензии, што прават 130 милиони синаптички врски. Податоците изнесуваат 1,4 петабајт, што е приближно 700 пати повеќе од капацитетот на меморијата од просечниот модерен компјутер.
Оваа мапа содржи толку многу податоци, што експертите сè уште немаат време детално да ја испитаат – рече експертот Вирен Јејн од „Гугл “.
Тие мапирале дел од мозокот на пациент со епилепсија.
Проектот за мапирање на мозокот го започна Џеф Лихтман од универзитетот „Харвард“, откако за целите на истражувањето доби дел од мозокот на 45-годишна жена со епилепсија отпорна на лекови.
Првпат ја гледаме вистинската структура на толку голем дел од човечкиот мозок – изјави биологот од Харвард, Кетрин Дулак.
Левиот хипокампус на пациентот, кој бил извор на нападот, бил отстранет. Хирурзите исто така морале да отстранат одреден дел од здравото мозочно ткиво што го покривал хипокампусот.
– Лихтман и неговите колеги веднаш го зачувале примерокот на мозокот, а потоа го обоиле со тешки метали, така што надворешните мембрани на секоја ќелија може да се видат под електронски микроскоп. Потоа исекле дел од мозокот на делови со дебелина од околу 30 нанометри, што е приближно илјадити дел од дебелината на човечката коса, и користеле електронски микроскоп за да го фотографираат секој дел – пишува „Њу сајантист“.
Потоа, Јејн и неговите колеги од „Гугл“ ги претворија дводимензионалните делови во 3Д и со помош на АИ (вештачка интелигенција) ги реконструираа израстоците што поврзуваат еден неврон со друг и обележуваат различни видови клетки. За време на таа постапка, научниците пронајдоа мистериозни парови неврони длабоко во кортексот.
– Двете ќелии беа насочени во спротивни насоки на истата оска. Никој не знае зошто – рече Лихтман.
Јејн и Лихтман беа дел од група што се залагаше во 2020 година да го мапира целиот мозок на глувчето на слично ниво во детали.
Целиот мозок на глувчето е само 1.000 пати поголем од овој, егзабајт наместо петабајт. Претпоставувам дека тоа е нешто што ќе можеме да го направиме за десет години – рече Лихтман.
Мапирањето на целиот човечки мозок бара количество на податоци што е 1.000 пати поголемо. Лихтман наведува дека оваа база на податоци ќе биде „споредлива со количеството на дигиталната содржина генерирана на Земјата во текот на годината“.