Британската актерка Наоми Еки ќе ја глуми славната пејачка Витни Хјустон во новиот биографски филм насловен „Сакам да танцувам со некого“, објавија британските медиуми. Филмот е насловен според еден од првите хитови на Хјустон „I Wanna Dance With Somebody“ и ќе го следи нејзиниот подем од анонимна пејачка до голема музичка ѕвезда. Авторите ветуваат дека „тој искрено ќе покаже каква цена се плаќа за славата“. Сценариото ќе го пишува Ентони Мекартен, а Стела Меги ќе го режира филмот.
– Го поминавме поголемиот дел од минатата година во потрага по актерка која би можела да ја претстави Витни Хјустон. Британската актерка Наоми Еки нѐ импресионираше во сите фази од процесот. Ме допре со својата способност да го долови сценското присуство на глобалната икона, додека внесува човечност во нејзиниот приватен живот – изјавила Меги за Би-би-си.
Дваесет и осумгодишната Еки мината година ја освои телевизиска награда БАФТА, а се појави и во „Војна на ѕвездите: Подемот на Скајвокер“.