Кичевијата е еден од ретките региони во земјава, каде што со векови на автентичен начин се прославува големиот празник, Богојавление-Водици. Околу 150 кума ноќеска околу 3 часот ќе го посетат црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во Кичево, каде што ќе присуствуваат на Утринска богослужба и богојавленски часови, а потоа и на големиот богојавленски водосвет.
По завршувањето на овој чин, кумовите со осветената вода во котлињата со босилек и крст, ќе се упатат во своите села, каде што ќе ги посетат сите куќи од нивниот крст и каде што ќе бидат пречекани со богата посна трпеза. При оваа посета на домовите од крстот, на стариот кум друштво ќе му прави младиот, кој следната година ќе ја преземе неговата улога. При обиколката на селските куќи, кумовите со осветената вода и со чесниот крст украсен со босилек и сребрени пари ги благословуваат своите соселани и им посакуваат многу здравје и бериќет.
– Кичевскиот крај е еден од најспецифичните по одбележувањето на Богојавление. Кичевските села се поделени на неколку групи од фамилии таканаречени „крстови“, кои секоја година го менуваат кумството според порано определен редослед. Се нарекуваат „крстови“, бидејќи со примањето на кумството примиле и котле со крст и босилек за носење на богојавленската вода. Кумот е домаќин на прославата, која се случува или во неговиот дом или најчесто во специјално изградени селски домови од групата семејства од крстот. Кумот кај кого што се Водици се нарекува стар кум, а оној што презема е младиот или нов кум. Што се однесува до потеклото на овој обичај, се претпоставува дека тој произлегол од потребата во секое семејство да се однесе богојавленска вода – ни рече отец Александар Крстаноски, свештеник од Кичево и професор по богословија.
Примопредавањето на кумството во овој регион се врши на првиот или во дел од селата на вториот ден на Водици во црковниот двор, каде што кумовите и се капат. За овие денови сите што водат потекло од тој крај се враќаат дома и барем накратко се потсетуваат на традиционалните обичаи.
Една од најуникатните традиции на примопредавање на кумството од стариот на младиот кум е онаа во селото Лавчани, Кичевско, која живее повеќе од 150 години.
– Примопредавањето на кумството во нашето село е единствено во земјава и според староста датира од втората половина на 18 век. Така, кај нас примопредавањето на кумството од старите на младите кумови се врши на вториот ден од Водици (женски Водици), кога седумнаесетте млади кумови ја преземаат улогата, стари кумови, за следната година. Тие по дружбата во селската црква се упатуваат до коритата кај селските чешми, каде што најпрво со гајда, кавал и тапан играат повеќе традиционални водичарски ора и потоа со котлето в раце, облечени во народна носија влегуваат во коритата од селските чешми, каде што се капат и ја добиваат поддршката од сите присутни на оваа традиционална верска церемонија. По завршувањето на капењето во селските корита, новите кумови се преоблекуваат во суви алишта и продолжуваат да го слават вториот ден од Водици, заедно со своите соселани, со чашка топла ракија мезе и со водичарски песни – вели Цане Ѓорѓијоски, еден од годинашните седумнаесет млади кумови во селото Лавчани.