Озонската дупка над Антарктикот со големина од 23 милиони квадратни километри е една од најголемите и најдлабоките во последните 15 години предупредуваат научниците од сервисот на ЕУ за климатски промени „Коперникус“ кои вршат надзор на атмосферата. Озонската обвивка во горниот дел од земјината атмосфера го апсорбира ултравиолетовото зрачење од Сонцето кое во спротивно би било штетно за животот на нашата планета, пренесува „Индепендент“.
Концентрациите на стратосферскиот озон паднале на речиси нулта вредност над Антарктикот на надморска височина од околу 20-25 километри, објаснуваат научниците од „Коперникус“.
Големата озонска дупка се појавила поради посебните атмосферски услови, појасуваат научниците од „Коперникус“.
Тие ја истакнуваат потребата да се воведат забрани за хемикалии кои ги произведуваат луѓе, како што се хлорофлуоројаглеродите (ЦФЦ), за кои е познато дека придонесуваат за осиромашување на озонот. Како причина за ширењето на оваа озонска дупка научниците го лоцираат во стабилилниот и студен поларен врлог, подрачје кое има постојано низок воздушен притисок и се наоѓа преку самиот раб на големиот глечер Рос каде што температурите може да паднат и до минус 80 степени Целзиусови.
Оваа озонска дупка е меѓу најголемите во последните 15 години, а создавање на озонска дупка над Антарктикот првпат било забележано во 1985 година.
– Постои голема варијабилност на начинот на кој озонските дупки се развиваат секоја година. Озонската дупка во 2020 наликува на онаа во 2018 година која беше голема, но оваа дефинитивно е една од најголемите во последните 15 години – вели Винсент Хенри Пјук, шефот на „Коперникус“.
– Со враќањето на сончевата светлина на јужниот пол во последните седмици, забележавме континуирано уништување на озонот над тоа подрачје. По невообичаено мали и краткотрајни озонски дупки во 2019 година, кои беа производ на метеоролошките услови, оваа година регистриравме прилично голема озонска дупка. Тоа нѐ потсетува дека мора да продолжиме со спроведување на Монтреалскиот протокол за забрана на емисијата на супстанци кои ја уништуваат озонската обвивка – предупредува Пјук.