Дали некогаш ви се случило долго време да се двоумите околу закажувањето кај психотерапевт, за на крајот конечно да го направите тоа? Бевте задоволни со самите себе поради успешниот прв чекор на патот кон промени, а во вашиот потсетник го имавте запишано датумот на вашата прва сеанса. Но кога дојде тој ден, со вас почна да се случува нешто непријатно. Почна да ве стега во градите, ви надојде некој необјаснив страв и тогаш, наместо да признаете дека нешто не е во ред, вие почнавте да рационализирате: „Всушност, ако добро размислам, не ми е потребна никаква психотерапија. Па моите тешкотии и не се толку страшни! За волја на вистината, ништо не ми недостига, многу луѓе имаат уште поголеми проблеми. Мора да бидам задоволна со она што го имам. Конечно, тоа е голем трошок и не знам дали можам да си го дозволам.“
Страв од непознатото
Секако, стравот од непознатото е нешто неизбежно кога не знаеме што може да очекуваме. Како ќе се чувствувам таму? Ќе ме разбере ли? Дали ќе ги исполни моите очекувања? Ќе ме прашува работи што ми се непријатни, можеби ќе ми биде срам да одговарам… На првата сеанса тој страв обично брзо исчезнува, зашто таа е од чисто информативна природа. Нејзината намена е да ги запознаете терапевтот и неговиот начин на работа, како и да му кажете за причините за вашата одлука да го посетувате. Веројатно ќе ви постави неколку прашања: зошто токму сега се одлучивте за терапија, како си го замислувате терапевтскиот процес, што очекувате од него и што би сакале да постигнете со терапијата. Со оглед на тоа дека првпат ве гледа, прашањата ќе бидат повеќе генерални. Патем, ако ве праша нешто што сѐ уште не сакате да го одговарате, слободно може да му го кажете тоа. Во терапевтскиот процес, клиентот е оној што има контрола во врска со тоа што, колку и кога ќе зборува.
Исто така, и вие може да го прашате терапевтот сѐ што ве интересира (колку долго работи, дали има семејство итн.). По ваквата воведна средба, веројатно веќе ќе може да си одговорите на следниве прашања: можам ли да ѝ верувам на оваа личност, дали е доволно стручна, дали таму ќе се чувствувам доволно безбедно, разбрано и прифатено, би можела ли да изградам сигурен однос со тој терапевт, дали со текот на времето би се чувствувала опуштено пред него. Ако на овие прашања одговоривте потврдно, тогаш слободно влезете во терапевтскиот процес.
Страв од стигма
За жал, менталните проблеми сѐ уште се поврзуваат со стигмата. Секако, ситуацијата полека но сигурно се подобрува. Тука од голема помош е зголемувањето на свесноста кај луѓето и познатите личности, кои јавно зборуваат за своите ментални блокади.
Стигмата поради проблеми со менталното здравје може да се подели на социјална и лична. За социјална стигма зборуваме кога луѓето што собрале храброст да признаат дека имаат шизофренија, депресија, анксиозно растројство, нарушување во исхраната или нешто слично, стануваат подложни на дискриминација или исклучување од социјалните кругови, а некогаш и од работното место. Од друга страна, личната стигма се манифестира како големо чувство на срам, кое ја спречува личноста да побара стручна помош и поддршка.
„Ако одам на психотерапија, тогаш ќе се потврди дека нешто не е во ред со мене, дека сум психички болен, дека сум неспособен сам да си ги решавам своите проблеми. И што ќе си помислат луѓето за мене ако дознаат за тоа?“, сите овие размислувања се типични заблуди што се јавуваат поради недоволна информираност. Потешките душевни состојби (шизофренија, биполарно растројство, големо депресивно нарушување) спаѓаат во доменот на психијатријата и фармакологијата, но може да се комбинираат и со психотерапија. Во терапевтската практика најчесто се среќаваат луѓе што:
– се наоѓаат во тежок животен период
– имаат тешкотии поради секојдневниот стрес (и позитивните настани може да бидат стресни)
– живеат или работат во лоши меѓучовечки односи
– тешко ги изразуваат или контролираат чувствата
– имаат стравови или се борат со анксиозност/депресија
– доживеале траума и чувствуваат внатрешна празнина
– сакаат да се разберат себеси подобро и да се откажат од лоши навики
– сакаат да ја зголемат самодовербата
– имаат проблем во врската или во односот кон децата
– биле неверни или доживеале неверство од партнерот
– се наоѓаат пред тешка и важна животна одлука.
Сеансите се спроведуваат во дискретно опкружување, а терапевтите се обврзани на заштита на личните податоци, па оттаму, не постои опасност некој да дознае дека одите на психотерапија. Се разбира, освен ако сами не му се доверите некому. Посетувањето терапевт не значи дека сте неспособна личност, туку дека животот го сфаќате толку реално, што сте подготвени да го подобрите работејќи на себе.
Страв од осуда од терапевтот
Живееме во еден свет што осудува, луѓето сакаат да изразуваат мислење за работи што ги засегаат, а уште повеќе за оние што не ги засегаат. Често нѐ осудуваат нашите најблиски – партнерот, роднините и пријателите. Неретко добиваме „добронамерен“ совет, иако не сме го побарале. Затоа се плашиме дека и терапевтот ќе ни суди. Стравот е многу поголем ако уште како деца сме трпеле силни прекори и осуда од родителите или од други авторитети. Терапевтот е последната личност што би ве осудувала. Токму неговото безусловно прифаќање и неговиот поддржувачки став е она што ќе ви помогне да оздравите.
Ако ви се чинат неприфатливи или срамни некои ваши мисли, чувства или постапки, сетете се дека искусниот терапевт видел толку многу човечки проблеми, што тешко може да биде изненаден од нешто. Она што за вас е застрашувачко, тој веќе многупати го слушнал. Но и тој е само човек со сопствени ограничувања, па, така, ако вашиот проблем ја надминува неговата компетенција, ќе ве упати на друго место.
Секако, не е едноставно да се разоткриваат своите најдлабоки мисли и најранливите случки од животот пред некого, оттука, потребно е време за да се изгради меѓусебен однос на доверба помеѓу клиентот и неговиот терапевт.
Страв да им погледнете на проблемите в очи
Ако го игнорирате проблемот, тој нема да исчезне, туку ќе расте и сѐ потешко ќе се менаџира. Понекогаш тешко се соочуваме со фактот дека имаме брачни проблеми. Можеби сте се отуѓиле од партнерот, се карате за исти работи или се сомневате дека ве изневерува… според истражувањата, брачните двојки во просек бараат терапевтска помош дури по 6 години откако ќе се појави проблем, а сите знаеме дека потешко е да се изгасне веќе разгорен пожар. Вашето тело „знае“ за сите ваши проблеми – кога бремето ќе стане претешко, вие ќе се разболите физички или психички. Тука не важи изреката дека не нѐ боли она што не го знаеме. Поголемата свесност ќе ви овозможи подобра контрола врз вашиот живот и помала можност за непредвидени болести.
Страв од болка
Луѓето се еволутивно програмирани да избегнуваат болка и да се стремат кон благосостојба. Кога размислуваме за психотерапија, често се плашиме дека ќе мора да „копаме“ по своето болно минато и да се соочиме со одамна закопаните болни чувства. Па тогаш, зошто би се измачувале ако нема потреба за такво нешто?
Чувствата се енергија што мора да се ослободи, во спротивно таа се складира во нашето тело и ни предизвикува физички и психолошки проблеми. Во реалноста, токму најболните емоции даваат важни информации за нашите незадоволени потреби во минатите или сегашни односи со опкружувањето. Патем, истражувањето на старите трауми и болни искуства никогаш не е цел сама по себе. Терапевтот се занимава само со содржините што ни предизвикуваат тешкотија во сегашноста.
Страв од промена
Ние луѓето сме приврзани кон своите стари модели на однесување дури и ако не ни користат, затоа што мислиме, чувствуваме и се однесуваме на еден одреден начин во текот на целиот живот. Порано сме формирале односи со блиските на свој начин, па сакаме да го задржиме и во сегашните односи, колку и да не е функционален. Овие модели, кои биле наша корисна стратегија за опстанок во минатото, сега може да бидат штетни за нас. На пример, ако во детството сме научиле да се потпираме сами на себе затоа што сме имале нефункционални родители, па сме сметале дека односите се опасни и сме поминувале најмногу време во својот измислен свет – тогаш тоа бил нашиот начин да преживееме. Но ваквото однесување во сегашноста ни претставува пречка за формирање здрав интимен партнерски однос. Сепак, самата помисла да му дозволиме некому да навлезе во нашиот интимен свет изгледа застрашувачка. Дистанцата од другите ни се чини безбедна и позната, иако заради неа се чувствуваме осамено и копнееме по емоционална блискост. Терапијата ни нуди безбедна територија, на која може да ја извежбаме својата вештина за приврзаност кон другите. Слично како да учите да возите автомобил покрај искусен инструктор. Штом направиме промена во терапевтскиот однос, следува и онаа во односите со другите околу нас, истакнува авторот во интернет-порталот Женска.си.
Што ако партнерот не сака да оди на терапија? Тогаш појдете сами. Веројатно вашиот партнер ќе го интересира што се случува за време на вашите сеанси кај терапевт, па ќе ви поставува прашања. Можеби му е едноставно страв дека не е подготвен, не сака да признае дека имате проблеми или едноставно тие не му изгледаат толку тешки како вам. Постои шанса да ви се придружи во наредниот период, а можеби и нема да го стори тоа. Никого не може да присилите да работи на себе и на својот партнерски однос, ако сам не го посака тоа. Ако го натерате да ви се придружи ќе биде само полошо, зашто веројатно ќе го „саботира“ процесот. Не дозволувајте никогаш да доаѓа само заради вас, туку заради себе и вашиот однос.
Ако чувствувате потреба да работите на себе, тогаш неподготвеноста на партнерот не може да ви биде изговор за пасивност. Ако не ризикувате да одите на првата сеанса, никогаш нема да дознаете како би можело да испадне. Можеби ќе сфатите дека тоа не е за вас, но може и многу да добиете. Зборувајте само за она што сакате и колку сакате, а терапијата може да ја прекинете кога и да решите. Којзнае, можеби следниот пат кога ќе ви дојде да го откажете првиот термин за терапија, храбро ќе си кажете: „Само се плашам и тоа е нешто сосема нормално.“ В.Б.Н.