Вечерва, со почеток во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, ќе биде отворена изложба на Нада Прља со наслов „АдаН во градот на огнот“. Во рамките на инсталацијата се инкорпорирани стрип, скулптура, цртежи, графити и дела позајмени од колекцијата на МСУ.
Под влијание на глобалната криза, што подразбира дека можниот крај не е само имагинарен, Нада Прља на изложбата поставува редица прашања што рефлектираат на нашите состојби во светот денес, но и прашања што се однесуваат на тоа што значи да се биде уметник денес.
– Со оваа изложба ги пренесувам посетителите во замислената 3030 година, каде што нашата цивилизација веќе исчезнала и настанала нова, која нема информации за нас. Користам алегорија со желба нашиот поредок да биде преиспитан од една неутрална точка. Новата цивилизација откопува збирка уметнички дела, создадени и собрани од страна на АдаН (мој псевдоним Нада-Адан) пред цивилизацијата на АдаН да исчезне засекогаш во претпоставениот ден 20.2.2020. АдаН е замислен лик, суперхерој што ја презема улогата на заштитник на нашето културно наследство, поради претчувството дека нашата цивилизација сосема ќе исчезне. Тоа што посетителите на изложбата „АдаН во градот на огнот“ ќе можат да видат во МСУ е токму слободно интерпретирана лична збирка создадена од АдаН – вели Прља.
Изложбата е обид да се постават и промислат овие прашања и обид да се побараат нови креативни методи соодветни на светот во кој живееме.
Изложбата ќе биде отворена до 21 февруари 2020 година.