Уште од првите синтисајзери од марката „муг“ од 1960-тите години, па до денешниот лаптоп, електронскиот звук бил важна карактеристика во музичкиот лексикон на рокот. Во него почесно место зазема електронскиот рок. А кога е во прашање овој вид на музика, германската група „Крафтверк“ е неизбежна. Оваа авангардна музичка група од Германија важи за родоначалник на електронскиот рок. Групата е основана од Флоријан Шнајдер и Ралф Хутер во 1970 година, кога тие го основаат музичкото студио „Клинг кланг“ во Дизелдорф. Подоцна во групата ќе продефилираат и други членови, но до денес, покрај Флоријан и Ралф, ќе се задржат само Фриц Хилперт и Хенинг Шмит. „Крафтверк“ повеќе од 48 години со успех создава и изведува арт-поп, електропоп, кроутрок, техно и синт-поп. Членовите на оваа група беа новата генерација музичари, кои во доцните 1960-ти и раните 1970-ти години, под влијание на психоделичната музика и современите авангардни композитори, создадоа нов вид музика – електронска експериментална музика.
Појавата на оваа група е вистински феномен во популарната култура. Кога се појавија во Дизелдорф и првпат излегоа пред музичките обожаватели, електронската поп-музика беше непозната категорија. Наместо со гитари и удиралки, тие музика создаваа со синтисајзери и секвенцери. Така ја создадоа новата „космише музик“. Тие едноставно ја вкрстија концептуалната освестеност од визуелните уметности и искуствата на хепенингот со раните електронски инструменти. Ја комбинираа нарацијата од филмскиот саундтрек со звуците од секојдневието и, што е најчудно, сето тоа не го темелеа на некоја претходно позната музика, бидејќи Германија во тој период немаше своја автентична музика. Како и да е, ја создадоа и многу успешно ја пробија германската електронска и експериментална музика, користејќи ја пред сѐ техниката кат ап на Бароуз и мајсторијата наречена реди мејд, измислена од Дишан. Беа толку успешни што со својата електронска и експериментална магија ги поставија основите на индастријал-музиката и синт-попот.
Отсекогаш мојата перцепција за музиката на „Крафтверк“ е враќање кон атмосферата создадена од експресионистичките филмови, дадаистичките колажи, провокативните кабареа и, воопшто, ангажираната уметност. На ниво на поп-култура слободно може да се каже дека „Крафтверк“ ја осмислија поп-иднината на светот, во пресрет на новите тоталитаризми на 21 век.
За нив отсекогаш електронскиот рок значел повеќе од обично додавање синтисајзерски делови на песните на класичните рок-групи. Тие се први што расчистија со класичниот концепт на музичката група. Ја измислија роботската естетика, успешно ја вклопија во својата музика и сценските настапи на концертите и веќе во 1974 година го имаат првиот голем хит „Autobahn“, од истоимениот албум.
Оваа песна е првиот прототип на репетитивната електронски генерирана музика што широко беше прифатена од обожавателите на „Крафтверк“ и стана химна на германскиот брз автопат. Музиката од овој албум е само најава за она што тие подоцна ќе ни го понудат. Со текот на времето групата ги процесира своите вокали низ вокодери што го роботизираа нивниот звук. На тој начин групата успеа да продуцира високорафиниран електронски звук, кој беше присутен во албумите: „Radio Activity“ (1975), „Trans Europe Express“ (1977), „The Man Machine“ (1978) и „Computer World“ (1981). Со песните од овие албуми групата го издигна својот синтисајзерски поп на повисоко ниво. Тие со својата клинички чиста електронска музика иронично ја славеа и исмеваа индустриската доба во германското општество и пошироко. Особено е импресивна музиката од албумот „Trans Europe Express“, преку која се глорифицираат движењето и патувањето како суштински дел на новиот идентитет. Тие новиот идентитет го креираа низ музички израз во кој изгубениот поединец тешко се снаоѓа во општествената стварност, која полека но сигурно навлегува во хаос.
Тажната песна „Showroom Dummes“ од овој албум многу пластично ја претставува превртената реалност во светот на сериското производство, каде што куклите за облека од излозите на продавниците се однесуваат како вистински луѓе. Во тој контекст импресивна е и песната „Hall of Mirrors“, во која групата пее за човечките ликови и нивната рефлексија во огледалото и можноста за креирање нов лик. Оваа песна е буревесникот на идните креирања профили на денешните социјални мрежи.
Со песната „Trans Europe Express“, „Крафтверк“, покрај тоа што со мистериозниот воз нѐ развозува низ Европа, нѐ тера и да се спознаеме самите себе. Во неа има многу факти: од љубовна средба на Елисејските полиња во Париз, преку доцно ноќно допивање во неименувана кафеана во Виена, па до железничката станица во Дизелдорф, каде што стојат Иги Поп и Дејвид Боуви. Самата акција на движење зборува за состојбата на духот на луѓето. Оваа песна стана неочекуван хит на уличните журки на Афроамериканците во САД, од кои се изнедри рапот, но и во дискотеките во Њујорк, преку кои се вгради во темелите на хип-хоп и дискокултурата.
Неизбежноста на иднината (неизвесна) е централен мотив на сите поетски дела на групата „Крафтверк“. Нивната музика е вистинско уметничко дело, бидејќи тоа е музика што претходно не постоеше, а групата ни ја претставува преку филмска нарација во нејзините видеоспотови. Тоа најдобро се гледа во песната „Die Roboter“, преку митската реплика „Јас твој слуга, јас твој робот… Ние сме роботи..“, песна што на сцената ја изведуваа роботи дизајнирани да личат на членовите на групата, а програмирани да пеат и свират. Од блузот, преку џезот, па до рокот, сведоци сме дека нивните изведувачи се бунтовници што го напаѓаат системот. Тоа не е случај и со „Крафтверк“. Тие се однесуваат како самите да се систем, а не некој што го напаѓа однадвор. Но тие преку нивните музички пораки први нѐ предупредија. Визионерски увидоа каде одат работите во светот што е отуѓен, па одлучија да го надминат системот, така што тие ќе бидат самиот систем. Футуризмот на „Крафтверк“ е полн со човечност сместена во нов контекст, во кој границата помеѓу луѓето и нивните роботски продолженија станува недопирлива и неважна.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)