Точно пред една година членовите на групата „Луфтанза“ од Скопје ја претставија својата прва песна „Модерна депресија“. По 12 месеци, еве ги со цел албум насловен „Lufthansa Demo Tape I“, кој веќе добива позитивни критики од оние што го преслушале. Членовите на младиот бенд велат дека апсурдноста и несигурноста на целата ситуација во која живееме повеќе од една година за нив биле поттик за оживување на некои досега нереализирани идеи и на јавноста да ѝ го претстават овој носач на звук, во чија реализација учествуваа и нивни колеги, пријатели и поддржувачи на македонската алтернативна сцена.
Колку ова чудно време беше поттик да излезете од матрицата и да направите нешто поинаку?
„Луфтанза“: Мислам дека главната мантра на ова време е прашањето „зошто да не?“ Самата апсурдност и несигурност на целата ситуација што го снајде светот беше поттик за некои досега репресирани идеи да се формираат целосно и да излезат на виделина. Сите седевме дома немајќи што да правиме и немајќи изговор да не работиме на нешто. Како и да е, очекувајте уште многу музика во иднина од нас, ова е само почеток!
Кога се роди идејата за музичкиот проект „Луфтанза“?
„Луфтанза“: „Луфтанза“ како проект започна лани, на 5 април со песната „Модерна депресија“. Мартин Џорлев и Андреј Димовски, сега еден од гитаристите на бендот, се нејзини автори, а подоцна почна да се работи и на други песни. Ни се приклучија и други членови и почнавме да ги свириме во гаража. Во бендот сега сме: Андреј Димовски, Раде Биковски, Виктор Стојановски, Лука Јованоски, Иво Николовски и Мартин Џорлев. Музичкиот стил на почетокот беше постпанк, но браншираше и кон други жанрови и насоки како психоделичен рок, фолк и слично. Инаку, албумот беше снимен минатата година, а миксот и мастерот беа направени годинава од страна на Раде Биковски. Албум-каверот го направивме со Наско Џорлев. Сите инструменти се изведени или семплнати од страна на Мартин Џорлев, освен тапаните на петтата и шестата песна, кои се програмирани од страна на Раде Биковски, солото на првата песна што е отсвирено од Андреј Димовски и блок-флејтите на четвртата песна отсвирени од страна на Огнен Здравковски.
Планирате ли жива промоција, видеозапис, концерти…?
„Луфтанза“: Се надеваме на промоција, има некои планови, но ништо конкретно поради ситуацијата. Во секој случај, ќе има нови работи набрзо, како нова музика, видеозапис и други работи. Засега албумот е достапен на Јутјуб, а наскоро и на Бендкамп.
Дали би издвоиле некоја од песните како поспецифична или секоја има своја приказна?
„Луфтанза“: Па искрено не би издвоиле, сите се дел од една контекстуална целина, самиот контекст е потребата за некое слободно искажување, без притисок.
Има одлични реакции за албумот, меѓу другото се вели дека шири убава енергија, звучи свежо и современо. А еден од коментарите е дека сте вистински претставници на македонската андерграунд-сцена. Според вас, жива ли е таа сцена или ѝ треба поттик да биде уште поактивна?
„Луфтанза“: Има многу фактори во игра кога се зборува за македонската алтернативна сцена. Но таа не е мртва, сè уште има прекрасни уметници, многумина што ни е чест што ги познаваме, другаруваме со нив или дејствуваме во нивното поле на интерес. Сепак, би предложиле поголема меѓусебна поддршка меѓу уметниците, иако можеби имаме различни перцепции за тоа што е уметност. Единственото нешто во кое треба да се согласуваме е дека сите треба да имаме право да го претставивме тоа што го имаме направено и да го пласираме. Исто така, потребна е и поголема медиумска покриеност на андерграунд-сцената кај нас.