Сеќавање на струшката музичка легенда Умит Зендели
Деновиве нѐ напушти големата струшка музичка легенда, Умит Зендели (1955-2020). Дипломира на Факултетот за физика, но целиот свој работен век се оддава на музиката, покрај науката. Несекојдневно, како никој друг трагаше по устијата и кладенците на светските рок-ѕвезди, како и популарните југословенски поп-рок имиња како: Клептон, „Битлси“, „Стонси“, Нил Јанг, Боб Дилан… Бил талентиран уште како ученик, свирел гитара, а со „Струшките бисери“ веќе од 1970 година настапува во Струга во Огниште, со својата староградска македонска народна песна, како и со поп-рок музика од бившите југословенски простори и светот.
Умит Зендели беше несекојдневната струшка музичка личност и надеж. Беше многу тивок и величествен. Освојуваше со познавањето на неколку светски јазици. Како никој друг беше авангарден, недогледен и совршен, хуманитарец, кој вознесуваше со својот талент и дарба. Компонираше музика. Излегоа и се снимија за „Југотон“ од Загреб неколкуте албуми на македонската староградска песна, што ги имаше убаво подготвено и аранжирано Љупчо Кумбароски. Првиот албум со наслов „На Струга дуќан да имам“ и фотографијата пред хотелот „Бисер“ предизвикаа голем интерес и одушевување. Умит Зендели учествуваше покрај Кумбароски, во аранжирањето на песните. Брилијантно ги свиреше делниците заедно со флејтата на покоен Момо Николовски: „На Струга дуќан да имам“, „Мома крај извор седеше“, „Ми излегла Евда низ чаршија“… Ги следеше со голем елан страниците на лондонскиот весник „Мелоди мејкер“. Секогаш освојуваше со својот стремеж за знаење, авангардност, воспитание и блесок.
Неговата најголема љубов навистина претставуваа музиката, Струга и езерото. Од македонските музичари постојано се возвишуваше низ средбите со Коце Икономов („Бис-без“) и Јанко Узунов од кои ја црпеше, учеше и ја согледуваше големата моќ на музиката. Музика и само музика. Тоа беше неговото мото и пат за опстојба. Р.К.