По повод Светскиот ден на книгата
Книгата и богатиот резервоар на знаења ја оформуваат, осознаваат и инкорпорираат менталната и емоционалната интелектуална зрелост на нашата личност, вели реномираниот невропсихијатар Методи Чепреганов, кој е автор на македонската порака по повод 23 април, Светскиот ден на книгата и на авторското право – УНЕСКО. Професорот Чепреганов, кој повеќе од шеесет години се занимава со проблемите на созревањето на психичкиот профил на личноста, со менталниот склоп на еден народ и на цивилизациската свест, во пораката вели дека книгата ни го евоцира минатото, а таа меморија нѐ насочува со поуки.
– Книгата ни ја проектира и осмислува иднината, како реална надеж, која со ум, знаење и работа треба да ја оствариме и обистиниме и, конечно, книгата нѐ учи и нѐ држи под контрола како да го живееме мигот. Најголемото слепило за една личност е ако книгата не му е пријател и секојдневен сопатник. Таа го храни, го оживува, му ја покажува насоката на неговото постоење, ги орнаментира и збогатува неговите мемориски квалитети и конечно му ги осмислува и покажува начинот и насоката на неговата креација, живот, однос со околината, знаење, почит, духовност и постоење. Книгата е изворот, фундаментот и светлината во животната филозофија на нашата секојдневна егзистенција. Дружете се со неа и почитувајте ја како секојдневна насушна храна, која ќе ви ги збогати умот и животот – вели невропсихијатарот.
УНЕСКО го прогласи 23 април за Светски ден на книгата во 1995 година, а во годинашната порака се осврнува на потребата од читање и книги во овој период на изолација поради пандемијата на коронавирусот.
– Денес, повеќе од кога било, во време кога училиштата се затворени во светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи ги нашиот дух и нашата креативност. Во текот на април, како впрочем и низ целата година, многу е важно да се најде време за читање, сам или со децата. Ова е вистински миг да се истакнува читањето, да ги воспитуваме децата како идни читатели, да им ја пренесеме љубовта кон литературата, која ќе трае целиот нивни живот – се вели меѓу другото во пораката на УНЕСКО.