Саво Костадиновски, писател
Костадин бил познат комита и имал своја дружина со која ги гонел качаците, не само во ботушкиот крај туку и во околните планини, дури до Брод, Крушево и Кичево. Во 1890 г. заминува на печалба во Детроит, САД, а по десет години се враќа и со синот учествува во Илинденското востание, каде што е ранет, а син му загинува. Јанко, најмалиот син на Костадин, ја пренесува приказната за него меѓу населението во Долно Порече, кое во 1950-тите почнува да ја пее песната „Слушам кај шумат шумите“
Речиси еден век меѓу народот се пее македонската народна песна за Костадин Војводата Капиданот, „Слушам кај шумат шумите“. Пред неколку години ја препеа дуото „Некст тајм“, со нов аранжман, но со истата порака и повторно допре до публиката. На популарноста на овој фолклорен бисер, што му одолева на времето, особено е горд Саво Костадиновски, правнук на Костадин Војводата од Ботуше, Долно Порече, чие јунаштво е опишано во песната што живее меѓу Македонците во земјава и оние што се расеани по светот.
Саво Костадиновски повеќе од 40 години живее во Келн, Германија, каде што дочека и пензија. Работел како погонски бравар и погонски техничар, а завршил виша металска школа. Долги години е активен и како писател. Досега издал 127 книги, на македонски и на германски јазик. Неговата, според многумина, најдобра книга „Трите века“ му е посветена токму на неговиот славен прадедо Костадин Војводата Капиданот.
– Настаните во овој роман-хроника се вистинити, како и имињата. Моите предци живееле во бурни времиња, доживувајќи многу несреќи. Некои од нив од мака го напушатле родното огниште, на кое секогаш со радост му се враќале. Во потрага по подобар живот за себе и за семејството преку океанот, кон крајот на 19 век, во 1890 година, тргнал и прадедо ми Костадин, поради кого јас го сменив презимето од Јанковски во Костадиновски – ја почна својата интересна животна приказна Саво Костадиновски.
Јунакот опеан во народната песна „Слушам кај шумат шумите“ не бил многу учен човек, но бил бистар, висок и строен. Вистинско планинско мажиште. Имал црна коса, црни очи и топол поглед. Бил многу силен и вешт во многу работи.
– Кога заминувал на печалба од Солунското пристаниште, напуштајќи го родното Ботуше, сопругата Евдокија и четирите сина: Васил, Аврам, Мојсо и тримесечниот Јанко, имал само една желба, да им овозможи подобар живот. На заминување засадил јаболкница во дворот, а во својот багаж ја зел и гајдата, на која убаво свирел, со која полесно се пребродувала тагата, а и радоста била поголема. Според адетот, сите од селото оделе на печалба на Благовец, за подобар бериќет. Некои заминувале за Србија, Бугарија, Романија, а други, како него, оделе далеку, во Америка и во Австралија. Тој решил да замине подалеку и поради тоа што се криел од турската војска. Бил познат комита и имал своја дружина, со која ги гонел качаците не само во ботушкиот крај, туку и во околните планини, дури до Брод, Крушево и Кичево.
Удирале на турската војска, но и тој возвраќал сурово, па Поречката буна набрзо била задушена. Затоа Костадин бил на штрек да не го уапсат и да не го стават во зандана.
Сите од неговиот крај што патувале на бродот со него, набрзо дознале за неговото комитско минато и поради тоа, како и поради неговите 40 години, почнале да го викаат Костадин Војводата – ни откри Саво.
Кога пристигнале во Детроит, Костадин и неговите другари се вработиле во еден рудник, работејќи тешка физичка работа, далеку од своите, од поробена Македонија.
– Костадин по 10 години од печалба се вратил остарен, со побелена коса и со многу малку заштедени долари. Откако во 1900 година во Детроит го прославил доаѓањето на 20 век, по неколку месеци со пријателите со кои делел и добро и лошо, се качил на брод за Солун. По долгото патешествие, кога стигнал во Солунското пристаниште ја бакнал земјата на која стапнал. Кога по една деценија повторно застанал на куќниот праг бил туѓинец за своите деца – вели неговиот правнук Саво.
По три години не можејќи веќе да го трпи турскиот јарем, заедно со синот Васил, Костадин повторно станал комита и учествувал во Илинденското востание.
Во битката кај Бушова Планина бил ранет во раката, но успеал да избега. Повлекувајќи се во шумата стигнал дома, каде што ја дознал тажната вест за загинувањето на синот Васил и на брат му Миле. Наредните неколку месеци по востанието се криел во поречките шуми, бачила, воденици и колиби, а во текот на зимата и во пештерата Зркле.
Саво за Капиданот најмногу научил од татко му Сергеј, авноец, кому Костадин му бил стрико и од дедо му, по мајка, Дамјан.
– Дедо ми Дамјан, бил во неговата чета за време на Илинденското востание. Инаку, тој живееше 109 години и ми ја пренесе приказната за прадедото Костадин. Му бев прв внук и мене ме израсна – раскажува Костадиновски.
Кога Костадин наполнил 62 години во борба за слободна Македонија го заменил син му Јанко.
– Бил разочаран кога и по заминувањето на Турците не дошле подобри денови за Македонците, па затоа го поддржал синот Јанко и кога му соопштил дека сака да замине во Солун да работи, плашејќи се да не го мобилизираат. Така Јанко на 25 години, заминал да работи во Солун, каде што останал три години. Кога се вратил во Ботуше, тој донел лек за раната на Костадин што никако не зараснувала, маст од еден познат исцелител од Гостивар, од што му било многу подобро. По враќањето во Солун, Јанко заминал со мајстор Петре за кого работел во Австралија. Таму се оженил и добил две деца, синот Костадин и ќерка Сирма – ни рече нашиот соговорник.
По долги години во туѓина Јанко со семејството, сопругата Лена, која била родум од Лерин, и децата стигнал во селото Ботуше. Го пречекал 80-годишниот Костадин на Петровден.
– По една деценија Јанко ги видел мајка си, татка си, браќата Аврам и Мојсо и нивните деца, кои живееле со Костадин. Едно видување еден век. По една година му јавиле дека татко му починал. По 20 години Јанко вторпат го посетил Ботуше во 1950 година и тогаш ме крстил мене и горд сум што синот на прочуениот Костадин Војводата и самиот комита е мој кум. Стрико Јанко беше и во Крушево да му оддаде почит на брат му Васил, кој загина на Мечкин Камен. За него слушав многу од неговите браќа, им се радував на картичките со австралиски марки што ни ги испраќаше. Татко ми со гордост зборуваше за него. Тој беше љубезен, со цврст карактер, со бескраен патриотизам. Се сеќавам го чекавме на аеродромот во Скопје. Чекореше исправено и покрај своите 78 години, беше ведар и витален човек – се присети тој.
Во 1950-тите години на Радио Скопје почнала сѐ почесто да се пушта песната за Костадин Војводата.
– Нејзиното создавање било инспирирано од кажувањата на дедо Јанко за храброста на својот татко. Таа не само што станала популарна во Македонија, туку се пеела и во Австралија меѓу нашинците. Всушност има некои кажувања дека првпат почнала да се пее кога Костадин бил ранет во Илинденското востание, во кое ги загубил најстариот син и родениот брат и сѐ повеќе се пренесувала од уста на уста. Денес и мојата петгодишна внука Бисера и десетгодишниот внук Филип ја знаат песната за нивниот славен предок Костадин Војводата Капиданот. Верувајте кога првпат ја слушнав новата верзија на близнаците Стефан и Мартин Филиповски од „Некст тајм“, ми навираше во душата чувство на револт и тага и во мене се разбрануваа емоциите. Тоа ме инспирираше, да ги напишам песните „Што можат уште гените да ми кажат“ и „Вечен непокор“, посветени на моите предци, но и на моите внуци – ни рече тој.
Три години од последното доаѓање на Јанко во Ботуше и самиот тој заминал на печалба, прво во Славонски Брод, Хрватска, а потоа во Германија.
– Каде и да сум си ветив дека приказната за нашата семејна лоза еднаш ќе ја ставам на хартија, иако Долно Порече и родното Ботуше се присутни во сите мои книги, заедно со мојата носталгија. На последната средба со дедо Јанко, Дамјан мојот дедо по мајка, се сети како со Костадин се враќале од востанието во Крушево. „Одеше бавно, оти беше ранет, но гордо и исправено“, велеше тој. Молбата на дедо Јанко, мојот кум, да го посетам во Австралија, за жал, ја исполнив по неговата смрт. Тогаш го запознав неговиот син Костадин, кој го носи името на својот дедо – открива тој.
Во 2000 година во Крушево, во историскиот музејот, каде што меѓу имињата на илинденците е и името на Костадин Војводата, тој однел лични предмети на својот прадедо.
– Однесов некои предмети што ги најдов во неговата стара семејна куќа во родното Ботуше: кубурата, камата, некои стари белешки, стар молитвеник и неколку долари што ги донел од туѓина и ги криел за не дај боже, како и единствената негова фотографија што ја донел од Детроит, на која, за жал, ѝ се загуби трагата – вели Саво, додавајќи дека и во иднина приказната за неговиот славен прадедо уште повеќе ќе ја збогатува со нови сведоштва.