По 14 години пауза, нуркачи повторно ги посетија и истражија остатоците од познатиот брод „РМС Титаник“. Бродот кој некогаш претставуваше слика за луксуз и гламур, сега е проголтан од морското дно и опустошен од бактерии кои ги нагризуваат металните остатоци, објави Си-ен-ен.
Серијата на нуркачки експедиции беа комплетирани овој месец, на оддалеченост од речиси 600 километри од јужниот брег на канадската сојузна држава Њуфаундленд, и 4.000 метри под површината, каде и вечно стои бродот кој некогаш се сметаше за непотонлив.
Тимот на експерти, научници и други познавачи, создадоа снимки од 107-годишната подводна руина со специјално адаптирани камери. Снимката во резолуцијата „4К“ ќе и овозможи на јавноста преку системот за вирутуелна реалност да ги истражи остатоците од потонатиот брод.
„Титаник“ потона во 1912 година откако погоди санта мраз, несреќа во која загинаа 1.517 од 2.223 луѓе кои беа на бродот.
Снимката, која ќе биде дел од нов документарен филм на „Атлантик Продакшнс“, ги покажува ефектите на корозија предизвикана од сол, силината на бактериите кои се хранат со метал и моменталната состојба на декомпозиција на бродот.
Atlantic Productions are pleased to announce they have recorded the first ever 4K images of RMS Titanic for a new Documentary. The images reveal the state of the wreck on the first manned dive for 14 years. #titanic pic.twitter.com/oxuEugs2N6
— Atlantic Productions (@AtlanticProds) August 21, 2019