Карантинот и ковид-пандемијата го доведоа наставникот Џон Арчер од Охакуне, Нов Зеланд, до т.н. „морски песни“, оригинално познати како „Sea shanties“ и до Тикток. Претходно тој не знаел ниту за песните, ниту за социјалната платформа. Откако ја искористил фолк-песната „Soon May The Wellerman Come“, тој се впуштил во неверојатна авантура преку која морнаричките песни го освоиле Тикток, пренесува „Гардијан“. 

„Морските песни“, кои потекнуваат најрано од 15-тиот век, се еден вид народни песни што обично ги изведувале трговците, морнарите, рибарите или ловците на китови додека се занимавале со бродска работа. Зборот „шенти“ се смета дека потекнува од францускиот глагол „chanter“, што значи да се пее.

За време на пандемијата, Арчер забележал дека неговата веб-страница, посветена на фолк-песни, добива неверојатна посетеност. Една песна била од исклучителна важност: „Soon May The Wellerman Come“.

Од друга страна, Нејтан Еванс, 26-годишен поштар и надежен музичар од Глазгов, Шкотска, е заслужен за проширување на трендот „ШентиТок“, односно пеење на морксите песни со други лица на платформата Тикток, со цел да се справат полесно со пандемијата. На песната потоа била додадена бас линија, а луѓе кои го знаеле текстот се приклучувале за да го додадат нивниот глас. 

„Велерман“ бил вработен во бродската компанија „Велер Брадерс“ со седиште во Сиднеј, која од 1833 година била најголем снабдувач на залихи, како што се шеќер, чај и рум, што се спомнува во рефренот, а тој исто така собирал и маст од китовите заринкани на бреговите на Нов Зеланд.

– Претпоставувам дека карантинот предизвика милиони млади луѓе да се најдат во слична ситуација во која се наоѓале младите ловци на китови пред 200 години, затворени во мал простор, честопати далеку од дома, со залихи кои се при крај, секогаш во опасност од ненадејна смрт и минување долги часови без било каква занимација – вели Арчер.

Шесте стихови на „Велерман“ ја раскажуваат епската приказна за бродот „Били оф ти“ и битката на неговиот екипаж  која трае 40 дена, па дури и повеќе, со пркосен пркосен кит. Песната постојано е надополнувана, и добива интересен, модерен изглед.

Другите морнарски песни имаат најразлични теми, како што се сиромаштија, пијанки со пријателите, епски битки со пирати, судбината на морепловците итн. Обично тие имаат весел карактер и се мелодични за пеење. 

 

Се покажа дека „морските песни“ претставуваат неверојатен и брз начин за будење на емоциите дури и кај луѓе кои не се познаваат, на јавни места, како на пример во баровите, односно претставуваат лесен и брз начин на зближување и стекнување пријателства, како оние на палубите на бродовите од 18-тиот век. Некои од изведбите станаа вирални (брзо се раширија) на Тикток и на Јутуб, а се изведувани од најмладите, па сѐ до постари господа.