Истрага долга четири децении конечно заврши откако украдениот византиски мозаик бил пронајден и вратен во својот дом на Кипар. Холандскиот историчар на уметност и истражувач на криминал со уметнички дела, Артур Бренд, ги поминал последните три години во потрага по украдениот византиски мозаик на Свети Марко.
Според Кипарската новинска агенција, артефактот бил предаден на Кипарскиот Оддел за антиквитети во Холандија. Мозаикот, кој бил украден од црква во северен Кипар за време на турската инвазија во 1974 претставува дел од неколкуте украдени артефакти.
– Станува збор за многу вреден артефакт кој е стар 1 600 години. Истрагата беше животна потрага која се одвиваше низ Европа, каде што информатори беа апсени а луѓе беа преплашени и исчезнуваа – вели Бренд на својот сајт.
Истрагата за мозаикот го довела Бренд до стан на едно британско семејство во Монако кое било преплашено кога дознало дека станува збор за украдено богатство. Сопственикот се согласил да го врати мозаикот и му била понудена симболична компензација за неговото одржување во текот на годините.
– Мозаикот на Свети Марко, кој се верува дека е направен во 550-та година, припаѓа на сет кој ја симболизира ранохристијанската уметност што според многумина е дел од самата душа на Кипар – додава Бренд.