Дел од продажбата на колекцијата ќе се одвои за реставрација на споменикот, еден од најзначајните монументални споменици на македонската ликовна уметност и архитектура на 20 век
Јована Филиповиќ ја лансира својата нова колекција „Ресорт 2022“. Колекцијата е инспирирана од идејата за слобода, поточно од Споменикот на слободата во Кочани, кој е дело на академскиот сликар Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ и книгата на Елена Чемерска, „Споменик на слободата – Разговорник“.
– Што е слобода? Сакајќи да дадам одговор на сопственото прашање, во време кога дури ја немавме ни слободата на движење, ми „долета“ во раце книгата на моја драга пријателка, Елена Чемерска, „Споменик на слободата – Разговорник“. Книга што преку разговори го „оживува“ еден од најзначајните монументални споменици на македонската ликовна уметност и архитектура на 20 век, Споменикот на слободата. Овој грандиозен, универзален и доста елабориран, архитектонски и уметнички монументален комплекс е дело на академскиот сликар Глигор Чемерски и на архитектот Радован Раѓеновиќ. Отворен за употреба во 1981 година, споменикот претставува комплексен претставник на македонската историја низ вековите. Посветен на татковината, со идеја да живее во сите времиња и да продолжи да раскажува и пренесува вредности, можности за толкување и нови светови. Се наоѓа на една прекрасна локација, над градот Кочани, на ридот Локубија. Сакајќи да раскажам едно свое видување на темата слобода, а едно и да ги вклучам сите елементи што ме инспирираа, сосема спонтано се случи една убава приказна наречена „Ресорт 2022“ – истакнува Филиповиќ.
Колекцијата носи дел од боите на споменикот, ги носи формата и приказната.
– Љубовта, емоцијата и страста што Раѓеновиќ и Чемерски сакале да ги пренесат на тогашните и идните генерации. Изгледи што иако се „слободни“, суптилни и навидум меки, имаат движење, енергија и пренесуваат силна порака. „Лесни“ се за носење и комбинирање, што му дава поголема имагинација на носителот да ги комбинира и спојува истите тие, и да им пренесе дел од себе. Дел од кроевите потсетуваат на тлоцртот на ранохристијанската базилика впишана во основата на споменикот, кој духовито се подигрува со античката амфитеатрална форма, градејќи основа врз минатото и меморијата – вели дизајнерката.
Елементите од портокаловата, црвената, жолтата и сината боја ја „кршат“ досегашната монохроматност застапена во изминатите колекции.
– Застапеноста на боите даваат едно возбудливо, а сепак хармонично доживување, кое нежно се претопува со белата боја, која доминира во колекцијата, како симбол на слободата. Колекцијата на материјали, свила со памук, лен со тантела, е направена да потсетува, да комуницира, со дуалноста меѓу афективноста и отпорот што Чемерски ја прикажува во своите мозаици.
Принтовите на дел од парчињата се скриени, со цел да се даде едно потсетување дека треба да се грижиме за истите тие, да ги чуваме. Да ги прегрнуваме со љубов, како што споменикот нè обвиткува нас со топлина и гордост. Чувството на возбуда и нова енергија е пренесено преку збогатувањето на палетата на парчиња и модни додатоци, како маици, чанти и ремени – споделува Јована.
Елена Чемерска е авторка на повеќегодишниот мултидисциплинарен уметнички проект „Татковина – Споменик на слободата“, чија цел е повторно освојување и населување на овој простор на слободата и негова долгорочна ревитализација.
– Сакајќи да ѝ се приклучам на Елена во нејзината цел, пет проценти од продажбата на колекцијата ќе се одвојат за реставрација на споменикот. Се надевам дека оваа соработка ќе поттикне волја и поголема колективна свест, посебно пред големите институции, кои се потребни за неговото возобновување – вели Филиповиќ.