Лидија Георгиева, Ирина Тошева, Теодора Митровска, Кренаре Ругова, Силвија Миха, Олгица Ѓоргиева, „Ерор колектив“, „Ерор колектив“, Александра Јовановска дел од „Модниот викенд“
Од 1 до 4 ноември „Моден викенд – Скопје“ ќе ги донесе најновите колекции на домашни и дизајнери од регионот со темата „Модата како дел од екосистемот. Одржлива приказна“ на две локации во Скопје.
Четиридневното модно случување ќе го отвори дизајнерката Лидија Георгиева во „Фејмс“ и по повод 20 години од создавањето на брендот ќе ја претстави роденденската колекција „Милион милји време“.
– Хотелот „Скопје Мериот“ како официјална локација ќе биде местото на кое ќе се одржуваат три дена ревии. На 2 ноември вечерта ќе почне со модната инсталација и перформанс од финалниот дел на проектот #sustainabestorymk со капсулните колекции на учесниците и гостинките од Велика Британија односно талентираната дизајнерка Ана Скодбо и една од водечките британски стилистки Ребека Рој. Ќе следува модниот перформанс на дизајнерката Ирина Тошева со колекцијата за есен-зима 2018/2019 и несекојдневен концепт. Првпат на „Моден викенд – Скопје“ ревија ќе има и дизајнерката Теодора Митровска со колекцијата „Ви ар нот машинс“ – изјавија од „Модниот викенд Скопје“.
Посебно изненадување ќе бидат модното шоу и креациите на Кренаре Ругова, која во Скопје ќе ја донесе колекцијата за која вели дека е работена „користејќи бавна мода за да претстави нови форми на размислување однапред“.
– За крајот на првата вечер ќе ја видиме колекцијата „Фул оф грејс“ на дизајнерката Силвија Миха, која оваа 2018 година заокружува два нејзини значајни јубилеи, 20 години од првата самостојна ревија на ФЛУ, како и 10 години од постоењето на нејзиното модно ателје „Алшар“ – додаваат организаторите.
В сабота на 3 ноември модна ревија ќе имаат студентите од академијата „Џолев и уметности“, како и новата колекција на „Сигма“, наречена „Фјучр нау“.
Веднаш потоа моделите на „Матронс дресес“ и за крај на вечерта ревијата на Олгица Ѓоргиева и новата колекција „Бриџес“.
Есенското издание на „Моден викенд – Скопје“ 2018/2019 ќе го затворат модните парчиња на „Ерор колектив“ и нивните три бренда: „Атами“, „Ем Елефантски“ и „[0.10] ерор оф хармони“. Потоа ревијата на Сара Реџиќ и за крај на вечерта Александра Јовановска со ретроспективна ревија и колекцијата „Архетип“ од десетгодишното творештво како моден дизајнер.