Антониа Гиговска Фото: Марија Таушанска

Некои од фестивалските рефрени беа испеани од млади пејачи, кои токму во Штип ја почнуваат својата кариера. Една од нив е годинашната победничка

Седумнаесетгодишната Антониа Гиговска со песната „Никогаш не вели никогаш“ на Ена и на Лазар Цветковски е победничка на 33-от фестивал на забавна музика „Макфест 2018“, чие финале се одржа во саботата во домот на културата „Ацо Шопов“ во Штип. Ова е нејзино трето учество и прва победа на „Макфест“, со добиени 30 гласа од стручното и од медиумското жири, како и од публиката во салата.
– Мило ми е што сум дел од „Макфест“ третпат и искрено не се надевав дека ќе победам, има преубави песни годинава. Им честитам на сите за освоените награди! Песната „Никогаш не вели никогаш“ е поразлична од другите балади што ги испеав на оваа сцена, поенергична и уште при првото слушање ми допре до срцето и вложив многу во нејзината интерпретација. Освоив најмногу гласови во двете полуфинални вечери, а најмногу им се радувам на гласовите од публиката. Како и изминатите две години фестивалската дружба е белег и на овој „Макфест“ и секако Штип е најсоодветно место за промоција на мојата музика, бидејќи сакам да допре до што повеќе луѓе – вели Антониа.

Но како навистина звучеше годинашниот „Макфест“, дали ги оправда очекувањата и епитетите на најреномиран фестивал на забавна музика кај нас, кој и покрај лошите услови во кои се наоѓа македонската забавна музика изминативе години, успева да го врати сјајот и да понуди фестивалски рефрени што ќе се потпевнуваат најмалку до следното издание, прашавме дел од учесниците.

За композиторот Љупчо Мирковски, кој претходните две години беше уметнички директор на фестивалот, годинава има квалитетни песни, но му недостигаат повеќе певливи рефрени.

– На годинашниот „Макфест“ има убави песни, но на крајот публиката ќе го каже последниот збор. За мене фестивал треба да има повеќе шлагери.
Состојбите во домашната забавна музика не треба да бидат оправдување за евентуален неквалитет, неинспирирани автори или мал интерес – вели Мирковски.
Композиторот Блаже Темелков на „Макфест“ учествува од 1991 година, прво како дел од попрок-дуото „Коктел“ со Стефче Грозданов, а од 2000 и како автор. Годинава во финалето влезе со песната „Милион причини“, за која ги напиша музиката и текстот, што маестрално ја исполни Наташа Малинкова, која ја доби и наградата за најдобра интерпретација. Според него, годинашниот квалитет на фестивалот е нешто послаб од досегашните.

– Долги години сум дел од „Макфест“ и годинава е најочигледна смената на генерации. Малкумина нѐ има од младите години на фестивалот и имам впечаток дека според квалитетот на понуденото фестивалот годинава назадува, а исто така и преносот на МРТ беше слаб, гледачите не можеа да ја стекнат вистинската слика за песната – посочи Темелков.

И композиторот и музичар Дарко Тасев учествува на „Макфест“ уште од 1996 година.
– Јас на „Макфест“ почнав како автор и неколку мои хита, отпеани од групата „Нонстоп“ и од Ѓоко Танески, сѐ уште се слушаат. Годинава учествувам само како аранжер на три песни и жал ми е што веќе ја нема препознатливата фестивалска атмосфера, по која „Макфест“ беше познат. Неинтересот на некои автори да учествуваат го гледам во медиумската неизаинтересираност за македонската забавна музика воопшто, иако во последно време работите како да се поместуваат од мртва точка. Сепак, верувам дека ќе останат хитови и по ова фестивалско издание – оптимист е Дарко Тасев.

Дани Димитровска по долги години запеа на „Макфест“, каде што, како што вели, ја почнала својата соло-кариера пред дваесетина години.

– „Макфест“ е дел од моето минато, го означи мојот почеток на македонската естрада и секогаш ќе имам голема емпатија за овој фестивал. Освен тоа тој е единствен што ги брани боите на македонската забавна музика и токму затоа сум тука да го поддржам, да ги поттикнам младите пејачи да истраат во напорот да најдат место под естрадното небо. Ова е мојот начин на кој би сакала да влијаат. Искрено, порано „Макфест“ звучеше многу подобро, имаше поквалитетна музика, поиздржани песни, а денес како малку да се поместени вредностите. Но, искрено се надевам дека фестивалот ќе опстане, оти нема да замре, бидејќи ни е еден и единствен – категорична е Дани.
Слично мислење има и ветеранот Џина Папас Џокси, кој иако беше најстар меѓу учесниците, со својот младешки дух го збогати и ова макфестовско издание.

– Признавам, вечерва се чувствувам како учител во градинка. Децата се прекрасни, многумина од нив познавам и им посакувам сѐ најдобро, но сепак фестивалот во иднина треба да направи некоја селекција, доколку првите луѓе сакаат да се врати популарноста од пред 20 години. Да, трендовите се менуваат, но ова е фестивал, забава, а од 20 песни што беа испеани во финалето 15 се тажни, балади… Јас со „Макфест“ ја почнав соло-кариерата, а секоја година имаше неколку песни што отскокнуваа, некогаш и по 5-6 цела година се вртеа. За да стане хит, една песна треба да има убав текст, мелодија, рефрен што се лепи за уво, но пред сѐ да има душа – вели Џина папас Џокси.

А токму за неговата песна „Љубовта е…“, чиј автор е самиот, текстот го напиша Огнен Неделковски, а за аранжманот се погрижи Дарко Тасев, чиј спот исто така беше промовиран во рамките на годинашниот „Макфест“. Оваа песна некако од прва влегува во уво, па по завршувањето на фестивалот сигурно уште долго ќе ја слушаме, а нели тоа е и целта на секое, па и на ова фестивалско издание на „Макфест“, да има што повеќе хитови, кои ќе продолжат да ја раскажуваат фестивалската приказна…


Наградени

Првата награда и 5.000 евра ѝ припаднаа на Антониа Гиговска за „Никогаш не вели никогаш“, втор е Роберт Билбилов со „Чудни места“, кој доби 4.000 евра и награда за најдобар аранжман, а трета е Дани, која ја отпеа баладата „Време“, за што беше наградена со 3.000 евра.
Најдобар дебитант е Мина Блажев, Пепа Димитрова беше наградена за најдобар сценски настап, а Наташа Малинкова заслужено ја доби наградата за најдобра интерпретација. Сите добија по 500 евра.
Иако беше најавена, годинава не беше доделена награда за најдобар текст, како ни награда за најслушана песна меѓу два фестивала.


Рекоа за фестивалот

Христијан Проданов, врсникот на независна Македонија: Иако не влегов во финалето го остварив својот сон да настапам на „Макфест“. Песната на Виктор Апостоловски е преубава, добив добри коментари по првото полуфинале, а имам впечаток дека годинава фестивалот понуди, убави, певливи песни, кои остануваат во глава. Навистина е убаво да бидеш дел од овој фестивал.
Игор Узунов: Задоволен сум од настапот во финалето, беше многу подобар од првиот настап, бидејќи организаторите поправија некои свои пропусти, а и звукот беше подобар. Коментарите по изведбата беа одлични и задоволен сум бидејќи песната е мое дело, а и текстот е многу искрен. Напишана е во 2013 година, и ете со неа првпат како пејач настапувам на „Макфест“, а вторпат како автор. Сметам дека е подобар квалитетот на песните од претходните години и полека му се враќа сјајот на „Макфест“.
„Трио Џентлемнс“: Драго ни е што нашата песна „Изгреј сонце“, чии автори сме ние тројцата, а текстот е на Филип Цветковски, допре до публиката, бидејќи сакаме нашите песни да се слушаат. Наскоро планираме и спот за неа.
Расел Дејвис, евровизиски стручњак: Ми се допаѓа како звучи „Макфест 2018“. Тука сум вторпат, сакам да ги слушам песните, македонскиот јазик. Многу ми се допадна песната на Антониа, секако изведбата, но и настапот на нејзината братучетка Сара Гигова, која е најмлад учесник. Одлични беа и Александар Тарабунов, Мина Блажев, Барбара и Роберт Билбилов, со својата впечатлива песна.