Додека независните книжарници се насочени кон продажбата преку интернет, некои продолжуваат да ги изненадуваат читателите нудејќи мистериозни торби со книги. За приближно од 15 до 100 долари, во зависност од продавницата и големината на торбата, купувачите може да побараат мешавина од својот омилен жанр или наслови по избор на продавачот. „Капитол Хил букс“ во Вашингтон започна да ја нуди услугата кон средината на март по барање на клиент.
– Омилена е-пошта на денот досега: Дечки, ако ви дадам 100 долари, дали може да ми испратите мистериозна торба со книги? – објави книжарницата на 21 март.
До следниот ден повеќе од 50 луѓе контактирале со продавницата со слични нарачки, открива Марија Тајлер Марш од ВАМУ. Пред да започне да ја нуди услугата, книжарницата во суштина ги затвори своите врати, ограничувајќи го временскиот период во кој само на четири лица истовремено им беше дозволено да се движат по тесните патеки на продавницата.
– Стресно е и моравме да размислуваме додека сме на нозе и да се приспособиме. Сè се менува секој ден. Ние сме навистина благодарни за поддршката од сите. Луѓето што контактираат со нас, прават огромна разлика во моментов – вели Кајл Бурк, еден од сопствениците.
„Трајдент букселерс енд кафе“ во Болдер, Колорадо, почна да нуди слична услуга кон крајот на март. „Трајдент“ е најстарото кафуле на центарот на градот Болдер, Перл Стрит, но без локалното население и студентите од Универзитетот во Колорадо, неговите сопственици морале да го насочат бизнисот на интернет. Продавницата доставува локални нарачки поставени преку интернет со велосипед. Овие мистериозни торби со книги не вклучуваат само книги туку и пакет кафе или чај. До почетокот на април, продавницата продаде повеќе од 300 торби.
Мелинда Џоунс, сопственичка на „Секонд ред букс“ во Декатур, Алабама, исто така почна да нуди „мистериозни торби со книги“, откако прочита за успехот на книжарницата „Капитол Хил букс“.
– На пример, во една мистериозна торба со книги од 25 американски долари, купувачот ќе добие веројатно четири или пет книги од својот омилен жанр – вели Џоунс.