Во периодот помеѓу 9 и 16 век на територијата на денешните Соединети Американски Држави егзистирала древна индијанска цивилизација, која се одликува со богата материјална култура. Своето име го добива според реката Мисисипи, каде што првпат да се појавува и се проширува во другите делови на Северна Америка. Се протегала на огромна територија – од Апалачките Планини на исток до Флорида на запад, од Големите Езера на север до Мексиканскиот Залив на југ. Научниците веруваат дека оваа индијанска култура имала трговски врски со културите од Мезоамерика, како што се Ацтеките и Маите. Преку трговските патишта, Индијанците од Мисисипи се нашле под влијание на мезоамериканските култури.
Индијанците на оваа цивилизација живееле во села, но и во големи градови. Археолошките истражувања покажаа дека градовите имале повеќе од илјада жители, а најважен културен и религиски центар бил градот Кахокија, со околу 16.000 жители. Градовите се одликувале со централен плоштад, пирамидални могили, храмови, живеалишта за елитата и други објекти. Една од главните карактеристики на оваа култура е изградбата на џиновските пирамидални могили, како онаа во Кахокија. Овие могили најчесто имаат форма на пирамида со рамен покрив, каде што биле градени верски објекти и живеалишта за елитата.
Оваа култура никогаш не се обединила во една политичка единица, а селските и градските центри ја задржале својата автономија. Најсложената општествена организација биле племето и племенските сојузи предводени од теократски поглавари. Истражувачите веруваат дека мисисипската култура се состоела од различни етнички и јазични групи што споделувале заедничка религија и други културолошки обележја.
На средината на 16 век, мисисипската култура постепено почнува да згаснува. Истражувачите веруваат дека тоа е поврзано со првите контакти помеѓу Европејците и Мисисипците, односно со ширењето на малите и големите сипаници помеѓу индијанското население, кое немало имунитет и масовно умирало. Траги од оваа култура опстојуваа до почетокот на 18 век, меѓутоа тоа се само остатоци од некогашната голема цивилизација.
Кахокија
Кахокија бил најголемиот и највлијателен град на мисисипската култура. Се појавил во 8 век, а својата кулминација ја достигнал во 13 век, кога имал неколку илјади жители, според една процена околу 40.000 жители. Не е познато неговото оригинално име, а денешното е според индијанското племе Кахокија што живеело на оваа територија кога пристигнале Французите во 17 век. Градот се одликува со големата пирамидална могила, позната како Свештеничката могила. Таа е висока 30 метри и е поголема од Кеопсовата пирамида во Египет. На врвот имало џиновска дрвена градба, која опфаќала површина од 460 метри. Во 12 век градот бил заштитен со древени ѕидови, а неговата внатрешност била поделена на приватни живеалишта, специјализирани делови и јавни религиски објекти.
Религија
Мисисипското општество било предводено од свештеници поглавари, кои ја имале религиската и световната власт. Изградбата на храмовите, кои се наоѓале на пирамидалните могили, била поврзана со култот кон предците. Влијанието на Мезоамерика е особено видливо во религијата – претстави на змии, черепи, орли воини, како и ритуални жртвувања и мачење на заробениците. Во централниот дел на културата постепено се проширил т.н. јужен култ, кој се состоел од почитување на сонцето. Овој култ се карактеризирал со богати војнички гробници, претстави на сонцето, крстови, дланка со око, черепи, лулиња за пушење итн. Овој култ бил најсилен во 14 век, а делумно преживеал до 18 век, преку индијанските народи Натчези и Сијукси.