Светски познатиот гитарист и композитор Мирослав Тадиќ ја продолжува соработката со големата виолинистка Ивет Холцварт.
Неодамна, тие ја промовираа песната „Happy 13“, што е и најава за идниот студиски албум „Лука“, кој наскоро ќе го објави „Кроација рекордс“. Со тоа, продолжуваат фасцинацијата, големата љубов и респектот на Тадиќ кон македонскиот традиционален мелос.
Дуото се истакна во 2019 година со настапот на сцената „Амадео“, а новата песна и албум се нивниот прв дискографски проект.
– Песната „Happy 13“ носи топла и оптимистичка порака што очајно ни треба на сите во овие неизвесни денови. Таа се заснова на традиционалниот македонски танц „Поступано оро“, кое има невообичаена метрика: тринаесет осмини. Тој број 13 се смета за несреќен во целиот свет и затоа оваа позитивна песна сакав да ја наречам „Happy 13“ (Среќна 13-ка.). Друга интересна работа е што може да се третира како ворлд мјузик, но и како камерна музика, затоа што е напишана на таков начин што може да ја изведуваат и класични музичари – објаснува Мирослав Тадиќ.
Иако албумот „Лука“ е нивниот прв заеднички проект, дуото соработува уште од 2016 година, а тие пред хрватската публика се претстави на летните сцени на островите Крк и Бриони, но и во Задар, Шибеник, Загреб…
– Фасциниран сум од нејзината мајсторија не само како инструменталист туку и како пејач и поет, а нејзиното чувство за музика од нашите простори е исклучително – вели Мирослав Тадиќ за Ивет Холцварт.
Новиот албум одлично се надоврзува на последното студиско дело на Тадиќ – „Сањати, можда спавати“, објавено пред четири години, а за безмалку медитативното чувство на тој албум придонесоа и традиционалните приспивни песни во кои овој голем музичар најде инспирација.
Мирослав Тадиќ речиси секоја година одржува по неколку концерти низ регионот, иако многу години живее и работи во Америка како професор по акустична и електрична гитара во Лос Анџелес на престижниот „Калифорниски институт за уметност“.
– Педагошката работа ми одговара затоа што, покрај релативната материјална сигурност, ми носи и контакти со многу талентирани и оригинални млади луѓе, кои исто така ме инспирираат и ми даваат чувство дека им помагам. Областа во која работам е доста широка, затоа ги учам за музичка теорија, импровизација, композиција, аранжман, гитарска техника и, секако, за нашиот богат балкански фолклор – објаснува Тадиќ.
Тој неодамна беше прогласен за еден од 30-те најрадикални и најпосебни гитаристи во светот од реномираниот „Гитар плеер магазин“.