Новата мини-серија за катастрофата во Чернобил, во 1986 година, го полуде светот. Сите ја гледаат, сите зборуваат за неа и за рекордно време се искачи на првото место на листата на најдобри серии на филмската мрежа ИМДБ. Секако, вистинската катастрофа е пострашна од каква било екранизација, во прилог неколку вистински факти.
1. Точниот број загинати никогаш нема да се знае
Точниот број загинати по катастрофата во Чернобил се движи од четири до 90 илјади луѓе. Некои тврдат дека бројката е многу поголема. Двајца загинале од самата експлозија, 29 по еден месец од последиците од радијацијата, а десетици илјади наредните години, од болести предизвикани од радијацијата.
2. Приказната за пожарникарот е тажна
Василиј Игнатенко, кој се појавува во серијата, две недели пател од силни изгореници од радијацијата, и на крајот починал. Се зборува дека искашлувал делови од сопствените органи и неконтролирано му течела крв.
3. По смртта телото му било непрепознатливо
Неговата вдовица, Људмила, во книгата „Гласови од Чернобил“ на авторката Светлана Алексиевич, изјавила: „Не можеше да носи чевли, бидејќи нозете му беа толку отечени. И не можевме да го облечеме. Недостигаа делови од неговото тело и не можевме да го облечеме“.
4. Помеѓу 100 и 200.000 абортуси се регистрирани по несреќата
Според „Лајф сајанс“ многу лекари од Источна Европа и од Советскиот Сојуз ги советувале жените по катастрофата во Чернобил да одат да абортираат самоиницијативно поради големата веројатност дека нивните деца ќе се родат со сериозни аномалии и болести.
5. Подрачјето околу Чернобил е наречено црвена шума
Поради последиците од радијацијата, дрвјата добиле жолтеникавоцрвена боја. Откако дрвјата се исушиле, повеќето ги исекле и закопале.
6. Илегално е да се живее во забранетата зона
Забранетата зона го опфаќа целото подрачје на Чернобил, блиското гратче Припјат и другите села во близината на нуклеарната централа. Денес е илегално да се живее таму.
7. И покрај забраната, некои пак живеат
Се проценува дека и покрај забраната, во забранетата зона живеат околу 130 до 150 луѓе, од кои најмногу повозрасни лица.
8. Животот во Чернобил е нехуман
Немаат училиште, ниту здравствена установа, а особено е штетно да се живее во подрачје што е екстремно радиоактивно.
9. Забрането било да се понесат миленици
По евакуацијата од Чернобил, Припјат и од околните села, останале домашните миленици и домашните животни. И, исто како во серијата, имало операции извршени од страна на воени единици што ги убивале животните што биле заразени и погодени од радијацијата, една недела по несреќата.
10. Сепак таму сѐ уште живеат животни
Стотици кучиња скитници и други животни продолжуваат да преживуваат во забранетата зона. Тоа се потомците на кучињата што ја преживеале евакуацијата.