Компанијата „Вирџин Галакси“ на милијардерот Ричард Брансон денеска ќе изврши пробен туристички лет во вселената.
Брансон ќе биде меѓу шесте патници во ракетата со крила, што ќе полета од наменскиот комерцијален космодром „СпејсПорт Америка“, во американската сојузна држава Ново Мексико.
Времето сè уште не е објавено, но компанијата соопшти дека преносот во живо ќе започне во 7 часот по локално време, што е во 15 часот по средноевропско време, пренесуваат американските медиуми.
Авионот-носач ќе полета од пистата и ќе го лансира вселенското летало „ВСС Јунити“ на надморска височина од 15 километри, а двајца пилоти ќе палат ракетни мотори што ќе го однесат леталото над 80 километри надморска височина, што САД ја сметаат за граница на вселената.
Патниците, Браносн и претставниците на неговата компанија, ќе можат да се одврзат и да уживаат во бестежинската состојба неколку минути. Авионот потоа ќе се врати на пистата од која заминал.
Брансон сака да го процени искуството за идните клиенти што се очекува од 2022 година. Околу 600 луѓе веќе купиле билети, чија цена се движи од 200.000 до 250.000 американски долари.
– Кога ќе се вратиме, ќе објавам нешто многу возбудливо за да им дадам на повеќе луѓе можност да станат астронаути – вети тој.
Компанијата на милијардерот Џеф Безос, „Блу ориџин“, ќе го лансира своето летало на 20 јули, на годишнината од првото слетување на Месечината во 1969 година. Ракетата „Њу Шепард“ го носи името на Алан Шепард, првиот Американец во вселената.
Иако се најавуваше со години, ерата на вселенскиот туризам ќе зависи од успехот на овие пробни летови. Во 2014 година, авионот „Вирџин Галакси“ се сруши и го однесе пилотот до смрт, што предизвика големо одложување на програмата.