Белата куќа ќе добие две нови миленичиња. Во јануари, кога новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе положи заклетва, тој и неговата сопруга, Џил Бајден, нема да бидат сами кога ќе се преселат во Белата куќа. Тие ќе ги донесат и двата германски овчари – Чемп и Мејџор.
Мејџор ќе биде првото куче спасено од прифатилиште што ќе живее во Белата куќа. Бајден го посвоил од Хуманото друштво Делавер во 2018 година. Бајден и неговата сопруга, го имаат Чемп од 2008 година.
Претседателот Трамп нема миленичиња, па Белата куќа беше лишена од присуство на домашни миленици во последните четири години.
Пред Трамп, поранешниот претседател Барак Обама и неговото семејство имаа две португалски водни кучиња кои живееја со нив во Белата куќа по име Бо и Сани.
Во Белата куќа постои долгогодишна традиција на чување кучиња. Но, кучињата не се единствените миленичиња што живеат во Белата куќа. Според музејот на претседателските миленици, Томас Џеферсон имал подбивна птица и две младенчиња, а Џон Квинси Адамс имал алигатор што му го дал маркизот де Лафајет, којшто го чувал во бањата.
Абрахам Линколн имал неколку миленичиња, меѓу кои и неколку кучиња, најмалку две мачки, бели зајаци, мисирка, коњи и свиња, пишуваат американските медиуми.
И Теодор Рузвелт имал широк спектар на животни во Белата куќа, вклучувајќи бројни коњи и кучиња, пони, змија, папагал, неколку мачки, јазовец, зајак, летечка верверица и морски прасиња.