Мизофонија, односно „нетолеранцијата“ на некои звуци, е посложена од „омразата“ кон звуците. За луѓето што страдаат од синдром на селективна чувствителност на звук, позната како мизофонија, речиси незабележливите звуци, како што се звуците создадени при џвакање, предизвикуваат неподносливо чувство во главата кај некои лица, како да се наоѓаат во безнадежна ситуација. Приливот на негативни чувства, најчесто гнев и вознемиреност, е мистериозна состојба што се јавува поради некои звуци што ги слушаме речиси секој ден. Џвакањето, пеењето, тропањето, па дури и дишењето, кај луѓето со мизофонија создаваат чувство поинтензивно од едноставна непријатност и често се поставува прашањето дали ова треба да се смета за ментално нарушување.
– За разлика од луѓето што велат дека им пречи грицкањето во кино за време на филм, луѓето со мизофонија навистина страдаат – објаснува Дамиен Денис, професор по психијатрија на Универзитетот во Амстердам, за „Лајв сајанс“. Децата со мизофонија често имаат неколку други поврзани нарушувања, како што се нарушување на хиперактивноста со дефицит на внимание (АДХД) или аутизам.
Истражувањето објавено во списанието „Срент биолоџи“ откри дека кај луѓето со мизофонија, „предизвикувачките и иритантни“ звуци активираат делови од мозокот што ги регулираат стравот и емоциите, како и оние што се одговорни за формирање долгорочни спомени.
Применувајќи различни техники за сликање на мозокот, научниците откриле дека врските помеѓу овие делови на мозокот се структурирани различно кај луѓето што се селективно чувствителни на звуците. Иако снимките укажуваат на постоење на аномалија, оваа „состојба“ сè уште не е општо прифатена како нарушување.
Исто така, откриено е дека луѓето со мизофонија доживуваат забрзано чукање на срцето и потење кога ќе слушнат звуци што ги иритираат, а научниците го објаснуваат тоа со променетото функционирање на механизмот за емоционална контрола во мозокот.
Бидејќи мизофонијата сѐ уште е неодреден поим, нејзиниот третман не може прецизно да се дефинира. Психијатрите наведуваат дека некои пациенти покажуваат вознемиреност, некои бес, па дури и гадење кога ќе го слушнат звукот на кој се чувствителни. За да им помогнат да ја контролираат мизофонијата, користат различни терапии, во согласност со изразените емоции.