Дури ја снимав „Успех“ ме бодреше сознанието дека ваква шанса имам еднаш во животот и затоа не смеам да ја пропуштам, вели Алчевски
Марјан Алчевски, сценарист
Серијата „Успех“ на сценаристот Марјан Алчевски, кој живее и работи во Хрватска, премиерно ќе почне да се прикажува на 6 јануари, кога сите шест епизоди ќе бидат достапни за гледачите на Ејч-би-о го. „Успех“ е универзална приказна во која преку љубовта, работата, семејството, преданоста, несигурноста и злосторството, ги истражуваме чувствата на фрустрација, беспомошност и пасивност во секојдневниот живот на обичниот човек во регионот и пошироко.
– Серијата има 6 епизоди, тоа е стандардниот модел на Ејч-би-о во Европа. Од една страна, приказната е затворена во тие 6 епизоди и идни сезони не се нужни. Од друга страна, постои простор за уште приказни за ликовите од серијата – вели Алчевски.
Спомнавте дека „Успех“ е серија за тоа колку е страшно денес да се биде жив. Колку е навистина страшно?
– Мене ми е ептен страшно. А привилегиран сум по многу основи и припаѓам кон врвот на мојата професија. Постојано имам чувство дека нешто не е во ред со светов во кој живееме. Дека еден ден се разбудивме во светот на Трамп, брегзит и среде десничарски бран режими во Источна Европа. „Успех“ не се занимава директно со ништо од ова, освен со тоа мое чувство дека работите не се на место.
Што се обидовте да обелодените преку „Успех“?
– Тешко е денес човек да застане и да каже: „Доволно направив, сега сум мирен, задоволен сум од овој живот, од ова што го имам“. Секогаш сакаме уште, мерило за успех станаа богатството, влијанието, моќта. Во мојата серија се обидувам низ приказна за обични луѓе да истражам што се случува кога во таков контекст човек треба прво да преживее, потоа да сонува успех. Пред сѐ е важно да кажам дека „Успех“ има елементи на крими-приказна, но не е класична криминалистичка серија. Ме бодреше сознанието дека ваква шанса ќе добијам еднаш во животот и затоа не смеам да ја пропуштам. Не би рекол дека серијата е беспрекорна, но задоволен сум од она што го направивме.
Очекувате публиката да го запамети терминот на Ејч-би-о и со нетрпение да ја чека секоја наредна епизода?
– Сигурен сум дека за мојата серија постои публика. Дали ќе биде масовно гледана? Не знам. Но дека постојат гледачи што од Ејч-би-о имаат одредени очекувања – постојат. Не можам да гарантирам каков ќе биде приемот на серијата кај таа публика, но за нив ја правевме серијата. За луѓе што уживаат во богатството на ТВ-продукцијата последниве десетина години.
Која е најтоплата критика што ја добивте и што ве прави горд на себе?
– Искрено, мене најголем мерак ми направи кога оние новинари или пријатели, кои ги погледнаа првите две епизоди на претпремиерата во Загреб, прашуваат што ќе се случи понатаму.
Ги прашувам да ми кажат што мислат каде оди приказната и ги слушам и уживам. Бидејќи знам дека ќе добијат одговори на речиси сѐ што ги интересира и ќе добијат и уште повеќе од тоа. Критики или рецензии засега нема. А кога ќе излезат сосема е можно да не ги читам. Од мојот успех поголема е само мојата трема.
Кога една врата се затвора, друга се отвора. На што следно ќе ја трошите вашата креативна енергија?
– Речиси сите сценаристи што ги познавам постојано пишуваат. Така и јас, пишувам повеќе од едно сценарио во исто време и потоа чекам да видам дали има шанси да помине во фаза на продукција. Би сакал да имам нешто што веќе сега можам да го најавам, но немам. Само еден куп сценарија што можеби ќе го најдат својот пат кон публиката.
Омилена серија?
– Во последниве години има една серија што како да е правена по мој терк – „Преостанати“ (The Leftovers). Jас уживав бидејќи серијата беше совршено сместена на крстосницата помеѓу жанровска серија и паметна студија на интересни ликови во интересни времиња.