„Љубовта нема граници“ е насловот на новата песна што неодамна ја сними оркестарот „Мераклии“, составен од четворица Македонци што живеат и работат во Швајцарија. Оли, Георги, Ане и Ѓорге се другари и пријатели уште од средношколските денови, но дури подоцна во друга држава се вкрстуваат нивните професионални патишта. Сите се дипломирани музичари, а групата ја оформуваат во 2015 година. Ја негуваат македонската народна музика и доста се познати меѓу нашинците во Швајцарија, но и во други држави каде што има наши иселеници.
„Мераклии“ деновиве престојуваа во Скопје, каде што работеа на нов проект, во соработка со неколку свои овдешни колеги. Во соработка со „Арт студио“, тие снимија видеоприказна за најновата песна „Љубовта нема граници“, но и кавери на повеќе познати фолк-рефрени, како: „Седнав да вечерам“, „Ах, ах, Ана“, „Наздрави за љубов“, „Како да ти речам мила остани“, „Дајте ми ја Бисера“. Некои од песните тие ги реализираа со Анета Мицевска и Спасен Сиљаноски.