Иако Јелена сѐ уште е нова на американскиот моден пазар, нејзините креации веќе ги красат излозите на многу познати брендови на Менхетн во Њујорк
Јелена Ибришимовиќ Хантингтон, македонска дизајнерка во САД
Желбата за нови креативни предизвици пред неколку години ја однесе Јелена Ибришимовиќ Хантингтон од Скопје во Њујорк, град на можности за храбрите, мудрите и упорните, каде што сега се пробива како модна дизајнерка. Приказната започна во нејзините дваесетти години кога почна да работи како асистентка-моделарка за неколку текстилни компании во Скопје, но исто така и за неколку реномирани модни дизајнери, кои и денес ѝ се добри пријатели, како Ненад Секирарски и Никола Ефтимов.
– Во слободно време шиев модели за различни клиенти во мојот дом, со помош на стара машина, која беше сопственост на мојата мајка. Иако уживав во мојата работа, чувствував дека можам да создадам многу повеќе и да постигнам поголем успех во мојата струка. Во нашата мала држава не постоеше квалитетно високо образовани за модни креатори, особено од уметничка гледна точка. Затоа решив да студирам надвор, во Италија. Но за да ја остварам оваа цел, прво требаше да работам на брод за да заработам за студии. И на едно од патувањата го запознав мојот сегашен сопруг и мојот животен пат засекогаш се смени – вели Ибришимовиќ Хантингтон.
Набрзо со сопругот се сели во САД, поточно во Њујорк.
– Америка е земја на соништата, но и на разочарувањата. Во едно строго капиталистичко општество, како што е САД, многу јасно се знае дека за да се преживее, треба макотрпно да се работи. Њујорк е мегакосмополитски град што буквално живее 24/7. Гледајќи го Менхетн од некој агол, инспирира, привлекува, повикува, но кога ќе се впушти човек во виорот и динамиката, Големото Јаболко му ги пие животните сокови, го цеди човекот, го истоштува. Во еден миг мојот сопруг ми предложи да се запишам на колеџот за моден дизајн „Фешн институт оф технолоџи-Њујорк“, каде што бев единствената Македонка што студирала таму. Колеџот е рангиран меѓу петте најдобри колеџи за моден дизајн во светот. Студирав четири години и дипломирав со просек десетка, со фокус на модниот дизајн и историја на уметноста – ни откри младата дизајнерка.
Според неа, САД е земја што многу се разликува по модните креации, дизајнот и стилот во споредба со европската модна сцена.
– Американците имаат свои брендови, звучни имиња што малку или воопшто не се познати во Европа. Американската жена го поминува поголемиот дел од денот на работа и доста време патува до работното место и назад. Затоа, за време на викендот, таа сака да се облекува покомотно. Спортската облека е секогаш поуспешна од која било категорија на пазарот. Во последните 10-15 години, Американките поминуваат голем дел од своето слободно време вежбајќи јога, пилатес и други рекреативни дисциплини, за кои е задолжително да се носи посебна категорија облека, наречена спорт актив. Ѕвездите на американската сцена како: Бијонсе, Џенифер Лопез, Кејт Хадсон, Џесика Симпсон, Селена Гомез, Хилари Свонк… или имаат свој бренд на активна облека или соработуваат многу години со познати брендови како „Пума“, „Адидас“, „Најки“, креирајќи спортски колекции за тие брендови. Затоа и јас се решив да ја продолжам мојата кариера во таа насока – вели Јелена.
За среќа, иако сѐ уште е нова на овој пазар, таа станува сѐ поуспешна, па нејзините креации веќе ги красат излозите на многу познати брендови.
– Порано работев како модна креаторка за познати американски, но и европски брендови, како „Томи Хилфигер“, „Харли“ и „Пума“. Соработував со познати личности од американската кантри-естрада, кои сакаа да создадат свои марки на облека, како пејачот Тоби Кеит и неговата сопруга Триција Ковел. За нивниот бренд „Свинг Диш Голф“ ги креирав првите четири колекции, кои редовно беа промовирани на познатиот американски ТВ-канал Ен-би-си. Еден модел од првата колекција беше прикажан и во познатиот ТВ-документарец „Јас сум Кејт“, со Кетлин Џенер од познатата фамилија Кардашијан. Денес работам за „С2 спортвеар“, модно студио лоцирано на Менхетн што има лиценца за неколку модни брендови, како познатата „Никол Милер“, која креирала модели за Анџелина Џоли, Бијонсе и Блејк Лајвли, како и за „Лондри бај Шели Сигал“, чии креации ги носат Џенифер Анистон, Џени Гарт и Алисија Милано. Денот ми е исполнет со материјали, бои, дигитални цртежи и состаноци со креативниот тим, како и со работа во канцеларијата за маркетинг и продажба. Моите креации можат да се купат во познати стоковни куќи во САД, како што се „Мејсис“, „Нордстром“ и „Футлокер“ и на онлајн страниците на истите брендови – вели дизајнерката.
Јелена работи и по десет часа дневно, патува со воз два часа од дома до работа и обратно, практично цел ден е надвор, но сепак се труди секогаш да најде време за дружба со сопругот и со ќеркичката и да ужива во американскиот сон.
– Викендите секогаш се резервирани за моето семејство, сопругот и нашата тригодишна ќерка Вивиен. Често се јавувам и дома во Скопје за да поразговарам со мајка ми. Се надевам дека наскоро, заедно со семејството ќе дојдам во Македонија – открива таа.
Автор: Соња Панева