Во организација на ПСД „Бистра“, ПЕД „Ендорфини“ и извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево, деновиве по 23-ти пат беше организиран меморијалниот планинарски марш „Цвеќе за Рацин“, како потсетување на 13 јуни, денот кога пред 76 години на планината Лопушник во месноста Јама, загина нашиот голем поет и револуционер Коста Солев Рацин.
– На годинашниот планинарски марш, покрај членовите на планинарските друштва од нашиот град, учествуваа и извидници од Кичево и членови на планинарски друштва од Битола и од Охрид. Почетна станица беше селото Извор, од каде што по маркирана патека тргнавме до споменикот на Рацин и до месноста каде што се случила неговата погибија. Патот нѐ водеше по секакви терени, од шумски пат до козји патеки и низ букова шума. Цело време се насладувавме од прекрасната природа и пејзажите што се укажуваа пред нашите очи. По четири часа пешачење стигнавме до врвот Стог, каде што го посетивме споменикот на Коста Рацин и каде што положивме букети свежо цвеќе. Потоа го посетивме и локалитетот во месноста Јама, каде што на 13 јуни 1943 година загинал големиот македонски поет и револуционер и каде што наши планинари читаа песни од Рацин – ни рече Зоран Јованоски, секретар на ПСД „Бистра“ од Кичево.
Инаку, двајца члена на ПСД „Бистра“ Кичево, Сашо Божиноски и Кочо Кочоски, биле ученици на сите 23 досегашни меморијални планинарски маршеви на Лопушник. За време на тие маршеви, како што самите истакнуваат, тие се дружеле со голем број планинари од целата Македонија. Доживеале разни случки, невреме и големи жештини, но никогаш не помислиле да се откажат од оваа традиција, која, според нив, ќе трае со децении.