Првата дама на САД Меланија Трамп ги прекори медиумите, барајќи од нив да посветат еднакво време и ресурси за известувањето на кризата со опоиди, како што тоа го прават при известувањето за „гласините и тривијалните приказни“, објавува „Њузвик“.
– Би сакала да издвојам момент за да ги повикам медиумите да известуваат за вистинските проблеми колку што е можно почесто – кажа Меланија во обраќањето во Лас Вегас, по повод нејзината кампања „Биди најдобар“, која има цел на децата да им ја укаже важноста на социјализацијата, емотивното и физичкото здравје.
„Њузвик“ смета дека првата дама на САД, од неодамна, усвоила дел од ставовите на нејзиниот сопруг, односно неговиот дефанзивен стил на обраќање, што било забележливо и во критиките кон медиумите.
– Понекогаш, потребно е да го возвратите ударот, жал ми е – им кажала Меланија на студентите на универзитетот „Либерти“ во Вирџинија, во ноември минатата година.
Доналд Трамп е познат по користењето жестока реторика против медиумите, кои во повеќе наврати ги окарактеризира како „непријатели на народот“. Повеќе од 300 американски медиуми во август минатата година почнаа кампања за слобода на печатот, како реакција на нападите врз новинарите од страна на претседателот на САД.
Трамп влезе во конфликт и со американската телевизија Си-ен-ен, откако на нејзиниот новинар Џим Акоста му беше одземена акредитацијата за известување од Белата куќа, по расправија со претседателот за време на прес-конференција, во ноември минатата година.