Според „Форбс“
Бизнис-магазинот „Форбс“ ја објави листата на 100 најмоќни жени во светот, а на првата позиција се најде Мекензи Скот, поранешната сопруга на Џеф Безос. Зад Мекензи Скот на листата се потпретседателката на САД Камала Харис, претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, и филантропката Мелинда Гејтс.
Во написот на „Форбс“ за најмоќната жена на светот, новинарката Меги Мекграт пишува дека Скот добила огромни средства по разводот со Безос (57 милијарди долари), кои брзо почнала да ги дели во добротворни цели.
– До пред три години Мекензи Скот беше авторка, сопруга и мајка на четири деца, која основаше група против злоупотреба и му помогна на својот сопруг да го води „Амазон“ во 90-тите. По разводот доби четвртина од неговиот удел во „Амазон“ и речиси веднаш почна да планира како да го подари сето тоа. За нешто повеќе од две години, Скот, донирала 8,6 милијарди долари на 780 организации кои промовираат прашања кои вклучуваат родова еднаквост, расна правда и јавно здравје – стои во дел од написот кој ја опишува Скот.
Скот го зазеде местото на долгогодишната германска канцеларка Ангела Меркел, која се повлече од јавната функција. Меркел го држеше првото место во текот на 15 од последните 17 години откако „Форбс“ го објавува ова рангирање. Единствените години кога Меркел не се најде на врвот на листата, се 2004, една година пред да стане канцеларка, кога прворангирана беше тогашната американска државна секретарка Кондолиза Рајс, и во 2010 година кога на врвот беше тогашната прва дама на САД Мишел Обама.