Според неодамнешно истражување, физичката активност помага во одржувањето на сивата материја на мозокот, која е поврзана со различни вештини и со способноста за размислување. Затоа ако се задржува неоштетена сивата маса тоа би можело да го спречи опаѓањето на когнитивните функции, објаснуваат германските истражувачи.
– Оваа студија дава индиректни докази дека аеробните вежби може позитивно да влијаат и на когнитивните функции на човекот – вели Роналд Петерсен, невролог, кој дополни дека овие резултати можат да се применат и на постарите возрасни лица.
Според него, постојат солидни докази за делотворноста на вежбањето во средната доба, но охрабрувачки е тоа што тие имаат позитивни ефекти на работата на мозокот во староста. Германските истражувачи, под раководство на Катарина Витфид, следеле над 2.000 возрасни лица во североисточна Германија од 1997 до 2012 година. Во тој период се мерела кондицијата и учесниците биле подложени на МР-снимање на мозокот. Иако студијата утврдила одредена поврзаност меѓу вежбањето и здравјето на мозокот, сепак не можела да ја докаже сосема причинско-последичната врска, објави сајтот „Хелт 24“. Стручњаците препорачуваат умерено и редовно да се вежба, односно тоа да се прави 150 минути неделно.