Австралиските истражувачи велат дека видот на алармот што го користите може да влијае на тоа колку лесно ќе се разбудите. Повеќе остри тонови може да предизвикаат да се чувствувате поуморно. Од друга страна, според нивните истражувања, мелодијата на алармот што ќе ја изберете може да ви помогне да се будите поодморно, пишува сајтот „Хелтлајн“.
Ова истражување потенцијално би можело да им помогне на луѓето во многу занимања, како што се итни служби и пилоти на авиокомпании. Тоа исто така би можело да ѝ помогне на просечна личност што мора брзо да се разбуди и да биде претпазлива.
Во студијата, која е објавена во списанието „Плус еден“, беа вклучени 50 луѓе. Водечкиот автор Стјуарт Мекферлејн, медицински истражувач на универзитетот РМИТ, вели дека неговиот тим открил дека звуците на алармот за кој се смета дека се мелодични се поврзани со луѓето што се чувствувале поодморено.
Мекферлејн тврди дека можеби зголемувањето на висината на нотите и нејзиното намалување во алармот помага за насочување на вниманието на нашиот мозок. Од друга страна, помонотониот аларм може да поттикне анксиозност и збунетост.