На 16 март во просториите на „Јавна соба“ ќе се одржи курс по креативно везење и негова имплементација на облека со брендот „Дамаја“. На овој курс се учат основните подготовки и техники за рачно везење.
– За време на курсот ќе креираме везен дизајн што може да го имплементирате на парче облека или од кој подоцна може да изработите модни додатоци или ѕидна декорација. Доколку имате некој цртеж/дизајн што би сакале да го извезете и/или облека на која сакате да везете земете ги со вас. Облеката треба да биде изработена од нерастеглив материјал, односно се препорачуваат памучни кошули, тексас, лен.
Доколку немате, ќе ви бидат обезбедени шеми и текстил на кој ќе може да ги вежбате и да ги совладувате новонаучените техники. Везењето е медитативен процес.
Препуштете ѝ се на имагинативноста и ослободете ги мислите. Дозволете интуицијата да ве води при секој повлечен конец за да креирате производ што ве отсликува – велат од „Дамаја“.
Никакво претходно познавање не е потребно. Секој е добредојден. Курсот ќе трае четири часа.
– Знаењето што ќе го стекнете на овој курс по креативно везење е сето она што ви е потребно за да продолжите да работите и да го усовршите занаетот во иднина – додаваат од „Дамаја“.
Зад името „Дамаја“ работи Стефанија Пејчиновска, дипломирана архитектка од Скопје. Таа е самоука во занаетот по везење и моментално работи како дизајнерка со рециклиран и одржлив текстил во Берлин.