Истражување спроведено во Италија потврдило дека медитацијата добро влијае на депресијата, анксиозноста и на мозокот воопшто. Научниците откриле дека овие придобивки се појавуваат како резултат на одредени промени во мозокот што се случуваат за време на медитативните состојби. Тие следеле 19 испитаници што практикувале трансцендентална медитација три месеци, секојдневно по 20 минути. На почетокот и на крајот на студијата тие пополниле прашалник, преку кој се мерело нивото на стрес и вознемиреност и објасниле како се справуваат со стресот. Исто така биле подложени и на магнетна резонанца за да се види состојбата на мозокот на почетокот и на крајот на студијата и неговите активности додека се одморале и спиеле.
По три месеци се покажало дека субјектите што практикувале трансцендентална медитација ги намалиле нивните нивоа на стрес и анксиозност, за разлика од контролната група. Резултатите од магнетна резонанца, пак, покажале што навистина се случува во мозокот.
– Намалувањето на анксиозноста е поврзано со специфични промени што се случуваат во врските на различни региони во мозокот, од кои секоја игра важна улога во емоциите, расположенијата и внатрешните состојби – објаснува Џулија Авенути за „Мбг“, која е предводничка на студијата, и дава подлабок увид во поврзаноста помеѓу мозокот и емоционалните состојби и како структурите на мозокот можат да влијаат на нашето расположение.