Повлекувањето на принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл од кралските должности е главната вест во британскиот печат, во кој се вели дека кралицата Елизабета не била информирана за одлуката. Моделирано по поимот брегзит, повлекувањето на двојката медиумите го нарекоа – мегзит.
Кралското семејство било повредено и разочарано од одлуката, пренесува Би-би-си, и додава дека Хари и Меган не се консултирале со ниту еден член на кралското семејство. Во кратка реакција, Бакингемската палата посочи дека ја разбира нивната желба за поинаков пристап, но дека „комплицираните теми“ ќе одземат време.
– Тие дури и не ѝ кажаа на кралицата – објави „Дејли мирор“, повикувајќи се на неименуван извор, кој додава дека парот покажал целосно непочитување кон кралското семејство.
Има повеќе прашања отколку одговори, пишува Би-би-си, повикувајќи се на некои од нив: каква нова улога ќе имаат Хари и Меган, каква врска ќе имаат со остатокот од кралското семејство, каде ќе живеат, што ќе прават, кој ќе се грижи за нивната безбедност…
Британскиот таблоид „Сан“ на насловната страница наведува дека кралицата е „длабоко потресена“ и дека заминувањето на Хари и на Меган предизвикува „граѓанска војна“ во семејството. Се тврди дека причина за активирање на нивната одлука било неодамнешното објавување фотографија на кралицата Елизабета Втора со тројцата најблиски наследници на престолот: најстариот син Чарлс, внукот Вилијам и правнукот Џорџ.