Во 1980-тите и 1990-тите години, најпознатите британски таблоиди ги подмируваа правните трошоци од тужбите со големите профити што ги остваруваа. Сега повеќе не го уживаат тој луксуз

Блумберг

Автор: Алекс Веб

Дали статиите со постојаното критикување на Меган навистина ги продаваат весниците? Потегот на војводата и војвотката од Сасекс да ја тужат матичната фирма на британското неделно издание на „Мејл“ нема да ги запре сензационалистичките клевети во таблоидите. Но треба да ги натера уредниците сериозно да се запрашаат дали таквите приказни навистина се добар бизнис?

Случајот е заснован на една статија објавена во февруари, во весникот кој, исто како „Дејли мејл“ е во сопственост на „Дејли мејл енд џенерал траст“. Во приказната беше објавено спорно писмо кое Меган, војвотката од Сасекс, го напишала до нејзиниот татко Томас Маркл. Од кралското семејство тврдат дека таа има авторски права врз писмото кое било незаконски објавено.

Принцот Хари исто така започна засебен правен процес против сопствениците на „Сан“ и на „Дејли мирор“, како што велат британските медиумски извештаи, поради наводното хакирање на телефонот што потекнува уште од почетокот на 2000-тите години. Двете тужби покажуваат дека принцот не сака да им даде простор на британските таблоиди да ги диктираат условите како тие ќе известуваат за неговото семејство.

За време на 1980-тите и 1990-тите години, во екот на лондонските таблоиди, уредниците понекогаш правните спорови и спогодби ги сметаа за дел од трошоците во работата. Без разлика дали „Сан“ лажно го обвини Елтон Џон за сексуален прекршок во 1987 година, или тоа што 10 години подоцна „Експрес“ (во клевета) пишуваше дека бракот на Том Круз и Никол Кидман бил измама, нивната продажба нагло се зголеми поради шокантните наслови кои барем ги покрија, ако не и ги надминаа, настанатите штети.

Да го земеме примерот со случајот на Елтон Џон. „Сан“ мораше на пејачот да му исплати еден милион фунти, што наводно се сметаше за највисоката сума која еден британски весник некогаш ја исплатил и воедно објави јавно извинување на насловната страница. Сепак во фискалната година кога казната беше исплатена (1988 г.), „Сан“ и неговиот неделен таблоид „Вести од светот“ остварија оперативна добивка од 68 милиони фунти. Со други зборови, загубата на суд чинеше помалку од неделната добивка.

Во 2018 година, покрај тоа што оствари многу поголем приход од пред 20 години, истата групација на весници објави оперативна загуба од 61 милион фунти. Промената во потрошувачката од печатено во електронско издание и драстичниот пад во печатеното огласување ја уништи економијата на традиционалното новинарство.
Истото важи за „Дејли мејл“ и неделниот „Мејл“ кои се борат да останат профитабилни и покрај постојаниот пад во продажбата. Нивната матична компанија направи мудар потег да го прошири бизнисот покрај медиумскиот, кој сега изнесува само 46 отсто од вкупните приходи.

Не е јасно дали ваквите статии во стилот на Томас Маркл значително ја зголемуваат продажбата на весниците. Неделното издание на „Мејл“ и натаму регистрираше опаѓање за шест отсто во продажбата и во месецот кога беше објавена статијата.
Иако читателите не беа силно заинтересирани за писмото (особено за критиките кон нејзиниот татко што разговараше со медиумите), не е издржан аргументот дека ова беше од јавен интерес што се дефинира како нешто повеќе од обично љубопитство, но влијае врз правата, здравјето или финансиите на луѓето воопшто.

Таблоидите побавно реагираа на промената во моделите за медиумски приходи отколку стандардните весници кои препознаа дека претплатите на Интернет се поисплатливи од рекламите. Сепак, станува потешко да се убедат читателите да платат за вести за познати личности, кои обично ги крадат и пренесуваат ривалските портали чија цел е само да ловат „кликови“. Сензационалистичките вести порано ги полнеа весниците, но сега за нив се дознава насекаде само за неколку минути.

Сè уште не знаеме дали кралското семејство ќе ја добие тужбата или каква ќе биде казната. Штетата можеби нема да биде околу три милиони долари што „Дејли мејл“ мораше да ѝ ги исплати на Меланија Трамп поради клеветата од 2017 година, за која се расчу дури и во САД каде што казните се многу повисоки за вакви случаи.

Но, ако значителна оштета во случајот на Маркл ги поттикне весниците да преземаат помалку финансиски ризици на приказни кои не се од особен интерес кај јавноста, и наместо тоа ја насочат нивната импресивна новинарска моќ на други сфери (можеби реалната политика и деловните скандали), тоа можеби би било попозитивно. Дури тогаш новинарството можеби ќе вреди за парите.

Превод: Билјана Здравковска