Деветтоодделенците Матеј Арсов и Андреј Басовски од Кочани го изработија училишното дигитално списание „Училишни новости“ и го освоија првото место на осмото издание на меѓуучилишниот проект „Читателчиња“ („Читалиќи“), што се одржа неодамна во Мачкат, Златибор
Годинава првпат Македонија имаше свои претставници на осмото издание на меѓуучилишниот проект „Читателчиња“ („Читалиќи“), што се одржа на 25 и 26 мај во Мачкат, Златибор, соседна Србија, во кој беа вклучени голем број ученици, наставници, писатели и поети од цела Србија и од регионот.
Целта на проектот е мотивирање и издигнување на свеста за потребата и корисноста од читање кај децата. Малото основно училиште „Миливое Боровиќ“ ширум ги отвори портите и топло ги прегрна сите гости и сите учесници.
Оваа голема и значајна манифестација за развој на читањето годинава опфати 7.000 деца, од кои 6.000 работеа тестови на училишно ниво, а завршниот тест го решаваа 140, учествуваа 500 читачки дневници, 40 изработки од дијаспората како и 20 дигитални списанија.
Наши претставници беа деветтоодделенците Матеј Арсов и Андреј Басовски од Кочани, кои под менторство на наставниците Сашка Ефтимова и Благој Гранков го изработија училишното дигитално списание „Училишни новости“, влегоа во осумте финалисти во оваа категорија на конкурсот и го освоија првото место. Списанието е квалитетно технички сработено, а донесува забавни и едукативни содржини од различни области.
Координаторка на македонската група, која имаше и свој штанд со македонски книги меѓу триесетина штанда од цела Србија, е Љупка Стојменова – претседателка на здружението за култура, наука и општествени дејности „Стари поток“ од Кочани.
Дел од македонскиот тим беше и македонскиот поет Филип Димкоски, а по покана од организаторот на „Читателчиња“ гостуваше и директорот на ЈОУ библиотеката „Искра“ од Кочани, м-р Коце Стојменов.
Поет-домаќин, пак, на овој светол собир и празник на читањето беше великанот на српската поезија за деца, големиот поет Љубивое Ршумовиќ.
Со младите љубители на читањето се дружеа писателите амбасадори на „Читателчиња“ – Власта Н. Цениќ и Виолета Јовиќ, Бранко Стевановиќ, Бошко Ломовиќ, Гордана Тимотиевиќ, Милое Радовиќ, роднокрајните авторки Мирјана Ранковиќ Луковиќ и Лилјана Андриќ и македонскиот поет Филип Димкоски, кои читаа своја поезија пред многубројната публика, но и другаруваа преку работилници и различни активности.
„Читателчиња“ е меѓуучилиштен проект започнат од просветни работници, ентузијасти, главно професори по српски јазик, училишни библиотекари и одделенски наставници, кои заситени од разни експерименти и свесни за образовните проблеми и оттргнувањето од книгите и читањето се собраа околу идејата за повторно упатување на децата кон книгите. Идејата прерасна во здружение на чие чело е Маја Радoман Цветичанин, движечката сила на оваа манифестација.