Македонските слемерки Марија Грубор и Елена Пренџова учествуваа на Европското слем-првенство (слем-поезија – натпревар на кој поетите читаат свое дело) за 2018 година што се одржа во Будимпешта минатата недела. Ова е четврто по ред учество на Македонија на ова првенство. Годинашната натпреварувачка, Марија Грубор, која победи на националниот слем-натпревар во Прилеп во 2017 година, успешно помина на полуфиналната вечер и продолжи да се натпреварува во финалната вечер, што значи настапуваше две вечери едноподруго. Грубор доби позитивни и жестоки реакции од публиката и големи пофалби од жирито. Грубор се натпреваруваше со другите 21 учесник од 21 земја во Европа (само Италија имаше испратено двајца претставници). Победникот за 2018 година е слемерот Петер Молнар од Унгарија.
Елена Пренџова, како дел од организацијата на националниот слем во Македонија, учествуваше во еднонеделната работилница „Премостување на границите“ заедно со претставници на организациите на националните слемови на: Словачка – Томаш Штрака, Србија – Горан Живковиќ, Украина – Павло Корубчук, Унгарија – Мартон Симон, Франција – Јопо и Чешка – Анатол Свахилец. Покрај слемерите/ките од Европа, на работилницата учествуваа и слемери и изведувачи на перформативна поезија од САД, членови на поетскиот ансамбл „Спик изи“ од Чикаго: Нејт Смит, Бејли Кесл, Џоел Чмара и Ели Бенсусан, како и нивниот предводник и менторот на работилницата, Марк Кели Смит. Работилницата беше заокружена со финален поетски перформанс, сите европски изведувачи ги изведуваа своите текстови на темата „Мостови“ на мајчин јазик, а американските и француските слемери и перформери тандемски ги изведуваа нивните текстови во превод на англиски јазик. Покрај полуфиналната и финалната вечер, како и вечерта на перформансот од работилницата, во програмата беше предвиден и ревијален настап на перформативниот и мултимедијален поет од САД – Боб Холман и годинашната победничка на Светското слем-првенство за жени – Мвенде „Фриквенси“ Катвива од Кенија/САД. Нивните настапи беа масовно посетени и публиката им приреди пријатно добредојде.
Настанот е во организација на Унгарската асоцијација за слем-поезија. Земја-домаќин на Европското слем-првенство за 2019 година ќе биде Италија, а за 2020 година – Словенија. Националниот слем-натпревар во нашата земја традиционално се одржува во Прилеп.