Драго ми е што сите мои претходници што го одржаа континуитетот на „Макфест“ учествуваат на годинашниот фестивал, вели Дојчиновски
Владимир Дојчиновски,
уметнички директор на „Макфест“
Познатиот македонски композитор и музичар Владимир Дојчиновски-Дојчин досега неколкупати бил дел до тимот што победувал на фестивалот на забавна музика „Макфест“, кој на 4, 5 и 6 октомври, по 33. пат ќе се одржи во Штип. Но годинава тој има нова улога, како уметнички директор на фестивалот се грижи за квалитетот на песните, изведувачите, но и за целосниот лик и звук на фестивалот. Најави и некои промени, а една од нив е тоа што годинава во Штип нема да има странски изведувачи и ќе се пее само на македонски јазик.
Што е она што досега не сме го виделе на „Макфест“, а вие ќе ни го подарите како уметнички директор на неговото годинашно издание?
– „Макфест“ трае веќе 33 години и не мислам дека треба да се понуди нешто што досега го немало. Едноставно фестивалот треба да биде квалитетен, забавен, интересен, да има дружење како некогаш, да претставува презентација и промоција на добри нови песни. Можеби спецификата годинава е тоа што нема ниеден странец. И шоу-програмата ќе биде со домашен пејач, а тоа е Дарио.
Дали, сепак, имаше некоја опција да се слушне и друг јазик на сцената?
– Имаше можност да настапи една Италијанка, која ни испрати песна на македонски јазик. Но песната не ги задоволи бараните критериуми, а освен тоа една птица не прави јато. До лани имаше странци, кои беа измешани со македонските учесници во првата и втората вечер, а не влегуваа ни во финале. Мојот претходник Љупчо Мирковски се обиде да го направи фестивалот различен, но јас сметав дека годинава треба да се посветиме на домашните имиња и затоа се обидовме да ги вратиме оние учесници што долго време ги немаше на фестивалската сцена. Ете, Дани Димитровска ќе се врати по 10 години, Роберт Билбилов, освен што напиша песна, и ќе пее, ќе настапат и Маријан Стојановски, Џокси, Наташа Малинкова… Интересно е дека првпат пред штипјани ќе запее и Игор Узунов.
Дали ќе се пее во живо?
– На „Макфест 2018“ ќе се пее на матрица, без оркестар, со вокал во живо. И не попусто и „Евровизија“ го прифати тоа, за да можат и помодерни жанрови да се слушнат. Така звукот ќе биде потрендовски. Ќе има директен пренос на МРТ од фестивалот, а водителка е Марјана Станојковска.
Што ќе слушнеме на двете полуфинални и на финалната вечер?
– На двете полуфиналиња на 4 и 5 октомври ќе бидат изведени по 16 песни, од кои по 10 ќе се пласираат во финалето на 6 октомври. Ќе се доделат три награди, од по 5.000. 4,000 и 3000 евра и четири стручни по 500 евра за најдобар аранжман, сценски настап, за најдобар дебитант и текст. Драго ми е што издејствував да се врати токму наградата за најдобар текст, која беше изоставена. Инаку, од песните што стигнаа на конкурсот избравме 16, а другите 16 се порачки од автори.
Ќе се спомне ли неодамна починатиот пејач Влатко Илиевски на фестивалот?
– Секако дека ќе го споменеме, и тој беше дел од фестивалот во изминатите години. Влатко беше мој добар пријател, како и на повеќето годинашни учесници на фестивалот. Ќе погледнеме кратко видео за него, со песните што ги исполни на „Макфест“.
Како ќе звучи „Макфест 2018“?
– Ќе звучи многу шарено, ќе има композиции за сечиј вкус, од класични шлагери, со макфестовски стар звук, но и рок-композиции, оперски изведби со „Трио џентлменс“, но и модерни композиции во електропоп-стил. Песните се снимени во студиото на Габровски, на Роберт Билбилов, на Иван Јованов…..
Ќе има ли дебитанти годинава?
– Да. Особено ме радува што на годинашното издание ќе има млади композитори и изведувачи, ќе настапат по 5-6 дебитанти секоја вечер. Јас во МКЦ деновиве им организирав проба и сите беа одлични. Сите учествувале на домашни и регионални музички шоу-програми. Има квалитетни пејачи и се надевам дека на макефестовската сцена нема да ги победи тремата.
Најавивте и промени во начинот на гласање. Кои се тие?
– Да, овој пат нема да има телефонско гласање, заменето е со две жирија и со гласовите на публиката во салата. Едното е радиско-медиумско, а другото стручно жири, составено од академски образовани музичари, кои имале допир со македонската забавна музика. Радиското и стручното жири се од 3-4 члена.
Ќе нѐ потсетите ли на вашите победи на „Макфест“?
– Бев дел од победничките тимови, како автор на аранжман, двапати со Александра Јанева, со Биба Додева, со Ристо Самарџиев и со Дуле и Коки, а имам освоено и повеќе втори и трети места.
А годинава ќе имате ли своја песна?
– Не, мислев дека не треба оваа година да имам своја песна, според мене тоа не е етички.
Ќе има ли овој пат придружни манифестации?
– Планирани се промоции на албум, на спот, но нека биде изненадување.
Најавивте поголема медиумска кампања, во што се состои таа?
-Точно, годинава на портали, во медиуми, на радио, на социјални мрежи ќе има поагресивна кампања. Ќе се зборува многу за „Макфест“, а чинам изминатите години недостигаше тоа.
Изјавивте дека сте им благодарен на сите досегашни уметнички директори што придонеле „Макфест“ да опстане?
– Да, и драго ми е што сите мои претходници учествуваат на годинашниот фестивал. Мирковски има песна, Тино Скендеровски го прави мастерингот на цедињата и е инженер на звукот во салата. Кристијан Габровски и Јован Јованов исто така имаат свои композиции и активно учествуваат на овој фестивал. Некои беа во мирни времиња, некои во немирни, но, ете, сите заедно го одржаа „Макфест“ сите овие години.
Има ли шанси на фестивалот да се врати традиционалната макфестовска дружба?
– Секако. Извесно време таа се загуби, не навлегувам дали е поради високите награди, промената на датумот на одржувањето или на покровителите, но мислам дека ќе се врати тој момент уште годинава. Сакаме да не биде најважна натпреварувачка атмосфера, туку убавата дружба меѓу учесниците, како во старите добри времиња. Порано, 90 отсто од учесниците токму поради таа дружба едвај чекаа да дојдат во Штип.
Кое е мотото на годинашниот фестивал?
– Македонското музичко небо на „Макфест 2018“.