Во едно од минатите изданија на „Нова Македонија“ го претставивме лавот како земски симбол на Македонија низ вековите. Поради големото национално и културно значење, стапивме во контакт со д-р Јован Јоновски, еден од пионерите на македонската хералдика, за да ги запознаеме читателите со стручни сознанија за оваа проблематика

Во едно од минатите изданија на „Нова Македонија“ го претставиме лавот како земски симбол на Македонија низ вековите. Поради големото национално и културно значење стапивме во контакт со д-р Јован Јоновски, еден од пионерите на македонската хералдика за да ги запознаеме читателите со стручни сознанија за оваа проблематика.

Фојничкиот грбовник

Фојничкиот грбовник е еден од најраните познати преписи од крајот на 17 век на пошироко познатите илирски грбовници. Неговиот едноставен ликовен израз далеку заостанува зад другите, подоцна популаризирани грбовници. Наречен е според босанскиот град Фојница во чија околина се наоѓа францисканскиот манастир „Св. Дух“, во кој се чува овој грбовник. Според Јоновски, Александар Матковски го посетува манастирот околу 1964 година со што започнува неговиот интерес кон македонскиот земски грб. Грбовникот е споменат и од Стјепан Антољак, во неговиот учебник за помошни историски науки на Универзитетот во Скопје од 1966 година.

Но по грешка сликата прикажана во учебникот е од грбовникот на Корениќ-Неориќ, а не од Фојничкиот грбовник, вели Јован Јоновски По 1968 година, Матковски на широко го популаризира македонскиот земски грб од Фојничкиот грбовник, но со тeкот на времето неговата колекција на македонски земски грбови се зголемува што ќе резултира со книгата на Матковски „Грбовите на Македонија – прилог кон македонската хералдика“. Јован Јоновски истакнува дека: „Фојничкиот грбовник содржи еден доминионски, 10 земски и 128 семејни грбови. Грбовникот веројатно е препис правен за некоја помлада гранка на семејството Охмучевиќ.“

Во овој грбовник, македонскиот грб е претставен на германски турнирски штит со отвори за копје од двете страни. На црвениот штит има златен лав со астрална круна со седум краци надвишена на главата, лавот не е крунисан. Иста таква круна има над штитот. Нацртан многу невешто. Над штитот се наоѓа лента без текст, додека на лентата под штитот пишува MACEDONIÆ.

Македонскиот лав во Фојничкиот грбовник

Според Јоновски, за разлика од Фојничкиот грбовник, како најрано општопознат илирски грбовник, Моденскиот грбовник е најдоцна откриен грбовник, дури во 2012 година. Тој бил во сопственост на дубровничкото семејство Радуловиќ, кое емигрирало во Апулија, Италија. Моденскиот грбовник исто така е нацртан со едноставен стил и невешто, но за нијанса подобро од Фојничкиот. Тој се разликува и по тоа што секоја страна има декоративна рамка. Во него македонскиот земски грб е претставен на црвен штит златен лав надвишен со јагодова круна со три краци над главата. Круната над штитот е јагодова со три јагодови краци и со два краци со бисери помеѓу нив.

Јован Јоновски истакнува дека: „Фојничкиот и Моденскиот грбовник се всушност поедноставно нацртани преписи од постари грбовници од крајот на 16 век од кои најстари се Лондонскиот и грбовникот на Корениќ-Неориќ. И во овие грбовници македонскиот грб е претставен исто, на црвен штит златен лав со надвишена круна (лавот не е крунисан) и со единечна опашка. Сите овие грбовници се нарекуваат илирски грбовници.“

Зошто илирски грбовници?

Појавувањето на илирските грбовници, а со тоа и на земските грбови на Македонија во нив, е последица на еден специфичен историски, но и правно-хералдички процес во Дубровничката Република каде што родовите, под влијание на Венеција, уште од 14 век имале свои грбови. Во Дубровник не постоел грбовен авторитет што дава грбови така што секој можел да има семеен грб. Неколку поморски и трговски семејства од Слано, од заднината на Дубровник, како Охмучевиќ, Долисти-Тасовчиќ, Корениќ-Неориќ, Комнен и други се ставиле во служба на шпанскиот император Карло Петти. Тие бргу напредувале во службата на шпанската армада, а со тоа и во шпанското општество. За да им биде признаено благородништво, било потребно да се докаже дека сите четири прадедовци и четири прабаби се од благородничко потекло што за Шпанците значело дека имале грб.

Според Јоновски, бидејќи Шпанија не им ги признавала нивните дубровнички грбови, како доказ дека се од благороднички родови, овие семејства почнале со собирање и создавање генеалогии и грбовници за да се поврзат со митското „Илирско Царство“ на цар Душан (1306-1355), кој наводно имал свој грбовен авторитет што им ги дал грбови на овие „древни“ родови. Оттука доаѓа и називот Илирски.

Јоновски вели дека, најверојатно, овие семејства заедно почнале да составуваат Слански грбовник, по моделот на европските грбовници, во кој покрај своите грбови, внеле и грбови на свои предци многу повеќе од потребните четири колена (околу 50 грбови вкупно се наоѓаат на нивните генеалогии), како и други вистински и фиктивни грбови. На почетокот покрај домнинионскиот грб на илирскиот цар Душан, дадени се и 10 земји од тоа царство, од кои Македонија, како најважна е прва.

Потоа за да се покаже важноста и староста на грбовникот се додадени и моќни владетелски родови од минатото, како: Немањиќ, Котромањиќ, Мрњавчевиќ, Балшиќ, Кастриотиќ и др.

Освен овие четири преписи на Сланскиот грбовник, постојат и други илирски грбовници кај кои земскиот грб на Македонија добива и други атрибути. Во Алтхановиот грбовник од 1614 година, првпат се јавува раздвоената опашка и тука круната е спуштена на главата на лавот со што добиваме крунисан лав со раздвоена опашка. Истото се јавува и во Белградскиот грбовник 2 од 1620 година, во кој изработката е многу слична со Алтхановиот грбовник, како и со грбовникот на Марко Скороевиќ од 1636 година.

Во Берлинскиот грбовник од крајот на 17 век, Македонскиот земски грб има една интересна опција. Грбот е даден на германски штит, на црвено поле златен разгневен крунисан лав. Опашката на лавот му е крената и на крајот таа преминува во факел, што е единствено за овој грбовник.

Покрај Илирските грбовници, кои се рачно цртани преписи од некој постар грбовник, со што всушност претставуваат „изданија“ на една иста книга, постои и присуство на македонски земски грб во други печатени изданија, од кои најважни се стемататографиите на Витезовиќ и на Жефаровиќ за што ќе стане збор во некој следен број.

Македонско грбословно друштво (МГД)

Македонското грбословно друштво (МГД) се занимава со хералдика, вексилологија и фалеристика. Основни цели на друштвото се популаризација, едукација и истражување на хералдичкото, вексилолошкото и фалеристичко наследство во Македонија и поврзано со Македонија. Истражувањата на друштвото се објавуваат во гласникот „Македонски хералд“ од 2005 година. Од 2018 година гласникот има меѓународен уредувачки одбор, излегува двапати годишно, а во него објавуваат домашни и странски автори.

Грбот на Македонско грбословно друштво (МГД)

Една од најважните цели на МГД е воспоставување македонска хералдичка и вексилолошка терминологија и синтакса, како и теориски хералдички систем. Во оваа насока МГД разви меснохералдички систем за територијална хералдика. Грбовите на шест општини во Македонија се дел од овој систем. Огромно значење се дава и на воената хералдика и системите за одликување. МГД го води единствениот хералдички регистар во Македонија. Досега во него се заведени 56 грба, најголем дел лични, но и корпоративни и општински грбови.

Покрај главниот хералд на МГД, во друштвото има уште два хералда, и тоа вардарски хералд и ерагонски хералд. Сегашниот вардарскиот хералд е д-р Иван Нaцевски, кој е и потпретседател на МГД, додека, пак, функцијата ерагонски хералд ја извршува секретарот на друштвото, генерал-мајор Павле Арсоски.


Јован Јоновски – еден од пионерите на македонската хералдика

Јован Јоновски е роден во Скопје во 1971 година во семејство од Егејска Македонија, повратници од Полска. Во детството често ги посетува роднините таму и е изложен на богатиот свет на хералдиката. Искрата започната тогаш се засилува во 1994 година кога заминува на студии по теологија во Будимпешта и особено во Лондон. Таму започнуваат подлабокиот интерес и првите контакти со хералдичка литература и практика. Најмногу навлегува во тајните на хералдиката и создавањето грбови преку членството во Меѓународната асоцијација на хералдите аматери, каде што еден мандат ја извршува функцијата секретар.

Претседателот на Меѓународната федерација на вексилолошки здруженија, Жељко Хајмер при посетата на Скопје ја врачува потврдата за членство на претседателот и потпретседателот на МГД

Во текот на магистерските студии во Нови Сад, хералдика слуша кај познатиот хералдичар Иван Балта. Повторно магистрира историја, а подоцна во 2018 и докторира на Институтот за национална историја со тезата „Сонцето и лавот како симболи во хералдиката и вексилологијата на Македонија“.

Уредник е на „Македонски хералд“, член на уредничкиот одбор на „Херолд“ од Софија. Автор е на поставката „Грбовите на Македонија“ во НУ Музеј на Македонија, како и на три книги и повеќе од 50 научни трудови од областа на хералдиката, вексилологијата и фалеристиката објавени во земјата и во странство. Јоновски учествува на неколку конгреси и е придружен член на Интернационалната академија по хералдика, член на Интернационалната комисија за витешки редови, член на комисијата за одликувања на претседателот на Република Македонија (2009-2019), како и член на голем број национални хералдички здруженија.