Со концертот „Ново утро“, на кој ќе настапи врвниот пијанист од Франција, Лука Дебарг, денеска ќе биде отворена новата концертна сезона на Македонската филхармонија.
Дебарг, кој е лауреат на престижниот натпревар „Чајковски“, ќе го изведе најкомплексното дело за пијано, Концертот за пијано и оркестар број два од рускиот композитор Сергеј Прокофјев.
На концертот „Ново утро“ ќе диригира маестро Јерухам Шаровски од Израел, а оркестарот на Македонската филхармонија по подолга пауза ќе ја изведе и романтичната и атрактивна „Фантастична симфонија“ од францускиот композитор Хектор Берлиоз.