Викендов заврши осмата по ред меѓународна стрип-колонија „Рашка“, која беше одржана недалеку од Рашка, во туристичкиот комплекс во с. Семетеш, Србија. Продолжувајќи ја неколкугодишната успешна соработка помеѓу Стрип-центарот на Македонија со седиште во Велес и Клубот на ликовни уметници „Рашка школа“, Канцеларијата за млади и центарот за култура „Градац“ од Рашка, и на оваа колонија беше претставена македонската стрип-сцена.
– Засега имаме одлична соработка со Македонија и Црна Гора, а се надевам дека со текот на времето ќе воспоставиме контакт и со школите од Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија, така обединувајќи ја југословенската стрип-сцена. Освен стрип-школите, на списокот се секогаш три-четири предавачи и доајени на стрипот, чие присуство е значајно не само заради едукација и мотивација на младите туку и заради добрата репутација на самата колонија – изјави Горан Трајковиќ, идеен творец на оваа манифестација. Меѓу позвучните имиња, годинава учествуваа легендите на југословенскиот стрип Жељко Пахек и Миша Мијатовиќ, раководителите на стрип-школите од Белград, Крагуевац и Ваљево – Владимир Весовиќ, Срѓан Стаменковиќ и Филип Станковиќ, како и Дарко Стојановиќ, кому годинава му беше организирана изложба. Рамо до рамо со нив, како единствен автор надвор од границите на Србија, со што колонијата доби на меѓународен карактер, учествуваше и Александар Стеванов, стрип-сценарист од Штип. Соработката и дружбата помеѓу македонската и рашката стрип-сцена е договорено да продолжат кон крајот на овој месец, на втората Меѓународна стрип-колонија во Велес. Покрај стрип-автори од Рашка и од Македонија, од 21 до 25 август во овој најцентрален македонски град се очекува да присуствуваат и автори од престолнината на Србија и од Лесковац, како и од Хрватска и Финска.