Кралицата на поп музиката Мадона објави видео од нејзиниот контроверзен евровизиски настап, но со неколку очигледни измени на нејзиниот вокал со помош на модерната технологија „аутотјун“, откако се соочи со прозивки во јавноста поради нејзиното фалширање во изведбата. Кратко откако се појави новата верзија, гледачите истакнаа дека таа звучи поинаку, додавајќи дека „денешната технологија нема да ја поправи траумата која ја нанесе овој настап во живо“, пишува „Индипендент“.
За настапот на Мадона, која се појави како гостинка на финалната вечер на изборот за песна на „Евровизија“, во јавноста со денови кружеа гласини дека бил неочекувано политички настроен бидејќи на крајот од нејзината изведба, на видеобимот зад неа блеснале зборовите „Разбуди се!“. Згора, на сцената се појавија двајца танчари кои ги носеа знамињата на Израел и на Палестина на грбовите. Покрај сето ова, исто така настапот на Мадона беше критикуван поради нејзиното фалширање, а многумина од нејзините обожаватели беа разочарани од тоа како таа звучеше во живо.
Згора, танчарката која се појави со палестинското знаме на својот грб за време на настапот, Мона Бернтсен (29), наводно, била задржана за испрашување повеќе од еден час од страна на обезбедувањето на аеродромот. Таа изјавила дека заминувањето од Израел за неа било тензично.