Филмот „Мавританец“ на шкотскиот режисер Кевин Мекдоналд, познат по наклонетоста да режира приказни за контроверзни теми и личности, со Џоди Фостер и Тахир Рахим во главните улоги, почна да се прикажува во светските кина. Се темели на мемоарите „Дневникот од Гвантанамо“ на Мохамед Оулд Слахи од Мавританија, кој во книгата ја опишува правната борба за слобода и малтретирањето во затворот, каде што завршил без судење и под сомнение дека е замешан во настаните од 11 септември 2001 година.
Мохамед Оулд Слахи без обвинение и судење бил затворен во злогласниот американски воен логор „Гвантанамо Беј“, каде што останал цели 14 години. Се сомничи дека бил замешан во терористичкиот напад на САД. Губејќи надеж во затворот, Слахи пронашол сојузник во адвокатката Ненси Холандер и во нејзината соработничка, а се соочил со настојувањата на воениот тужител, полковникот Стјуарт Коуч, да му се одреди смртна казна. Слахи ги опишал настаните во својата книга „Дневникот од Гвантанамо“ во 2015 година, која набрзо станала бестселер.
Во книгата детално ги опишал правната борба и мачењата на кои бил изложен од 2002 до 2016 година и не требало долго време Холивуд да препознае „запалив материјал“ на американската глобална политика, па да одлучи да ја адаптира приказната во филмот „Мавританец“. Ова е првпат американскиот затвор во близината на Куба, познат по нехуманоста и тортурата врз затворниците, да заврши на големото платно. Да се сетиме на „Вајс“ од 2018 година и на „Патот за Гвантанамо“ од 2006 година, кои, секој на свој начин со еднаков интензитет, успеваа со својата суровост да го шокираат светот. Инаку, основач на кампот е најдолговечниот министер за одбрана во САД, Доналд Рамсфелд.
Една од методите на деперсонализација особено стана впечатлива по разгорувањето на епидемијата на коронавирусот, бидејќи Американците имале обичај на затворениците да им ставаат на лицето платнени маски, во што голем број теоретичари на заговори видоа можност за уште една теорија за психолошка војна, која, наводно, се води против глобалното население. До медиумите дотогаш стигнуваа само настрани фотографии на сексуално понижување на затворениците, кои таму завршиле главно поради своето потекло, а секој што се нашол зад овие решетки може да раскаже филмска приказна за својот престој таму.
Импресивна листа на актери
Филмот на Кевин Мекдоналд собра импресивна листа на глумци. Тахир Рахим го игра Слахи, додека Џоди Фостер ја толкува улогата на Ненси Холандер, адвокатката што го презеде неговиот случај. Заедно со својата соработничка Тери Данкан (Шелин Вудли) таа се обидува да докаже дека Слахи не е замешан во ангажирање терористи, кои со авиони се забија во кулите близначки на Светскиот трговски центар во 2011 година, на што инсистира воениот тужител, полковникот Коуч, во импресивната глума на британскиот актер Бенедикт Камбербач.
Џоди Фостер веќе освои „златен глобус“ за главниот женски лик во „Мавританец“, а филмот имаше уште една актерска номинација. На францускиот глумец со алжирско потекло Тахир Рахим, исто така му се насмевнуваше статуетка. Инаку, ова е уште еден затворски филм во кој тој брилира, по канскиот хит „Пророк“ на Жак Удиар од 2009 година.
Дејствието почнува во Мавританија, само два месеца по катастрофалниот 11 септември, кој означи почеток на американската војна против тероризмот.
Главниот светски негативец тогаш беше Осама бин Ладен, а Слахи го носат на испитување поради наводна поврзаност токму со водачот на Ал каеда. Иако ќе ги избрише сите контакти од мобилниот телефон, тој сепак повторно е цел на испитување, по што го испраќаат во „Гвантанамо“, каде што ќе го наречат „Форест Гамп на Ал каеда“, бидејќи изјавил дека „каде и да се погледне во истрагата тој е таму“.
Лажно обвинение
Еден од напаѓачите, наводно, преспал кај Слахи во Германија, што била иницијална каписла за почеток на неговиот долгогодишен хорор. Бидејќи секој има право да се брани, во 2005 година, адвокатскиот тим на Ненси Холандер (Џоди Фостер), која со години се бори со американската влада, уште од периодот кога била актуелна војната во Виетнам, го презема неговиот случај, залагајќи се за владеење на правото и не прифаќајќи го фактот дека американската влада во „Гвантанамо“ држи 700 луѓе без судење.
Слахи, кој стана симбол на сите неправедно осудени муслимани, води битка за вистината, но и за зачувување на здравиот разум, бидејќи од него со тортура се прават обиди да се изнуди признание. Методите на мачење вклучувале и принуден секс, скратување на сонот, мачење со вода, а неговата приказна од филмот направи вистинска и судска драма, но и затворски филм.
Во врска со неговиот случај се воделе професионални и персонални драми, а оние што работеле на спроведувањето на политиката, како полковникот Коуч, се соочиле со страшни злосторства во службата. На почетокот, тој има лична причина да ја прифати задачата, бидејќи негов пријател бил пилот во еден од киднапираните авиони. Но кога клопчето почнува да се одмотува, ќе ја открие мрачната страна на „Гвантанамо“ и сфаќа дека некој ќе мора да одговара, но не кој било. Во завршната сцена се појавува и вистинскиот Слахи, човекот што се соочи со најлошото сценарио на исламофобијата, но кому никогаш не можеа да му ја уништат желбата за слобода.
Импресивната приказна е направена со класични филмски средства и успева да го стави секој гледач во клаустрофобичната позиција на Слахи.
Рахим е извонреден во сцените кога на неговото лице се манифестира страв, ранливост, бес и истрајност на човек, жртва на ненадоместлива неправда. Тој во миговите кога смртта е толку блиску пронаоѓа причини да живее и да мечтае за слобода. На двојната оскаровка Џоди Фостер ова ѝ е петти филм од 2011 година наваму. Познатата глумица во овој период ги сними „Брачни караници“, „Дабар“, „Елусиум“ и по петгодишна пауза „Хотелот Артемис“ во 2018 година.