Повеќеилјадната публика што ја исполни арената „Борис Трајковски“ во Скопје, вчеравечер уживаше во вистински спектакл што го приредија Стјепан Хаусер и Лука Шулиќ со своите виолончела со кои во изминатите пет години имаат одлични концертни настапи низ целиот свет.
Инаку, ова е трето доаѓање на Стјепан и Лука во Македонија. Првпат настапија на „Охридско лето“ во 2011 година, а пред три години одржаа концерт во „Метрополис“ арена. Се надеваме дека имаа време да ја пробаат вкусната македонска храна, како што побараа во скромната „рајдер“ листа пред настапот.
Нивниот светски поход на музичките сцени почна пред 5 години кога снимија спот за „Smooth Criminal” на Мајкл Џексон, кој со брзина на светлината имаше 5 милиони посети на Јутјуб. Истата година потпишаа договор со „Сони Мастерворкс“,а наскоро го објавија и првиот албум. Потоа станаа и предгрупа на Елтон Џон и почнаа да го живеат својот сон. Нивни последен албум е „Score“, снимен во Велика Британија со Лондоснкиот симфониски оркестар.
Секогаш свежи и поинакви, а сепак препознатливи Стјепан и Лука мудро грабат напред. Дека се на вистинскиот пат доказ се над десет милиони посетители на нивните концерти низ целиот свет, меѓу кои е и задоволната македонска публика.
М.Т.