Популарниот македонски пејач Влатко Лозаноски-Лозано со песната „Мајко“, на Ена и на Лазар Цветковски, ја освои наградата за најдобра поп-нумера со фолк-мотиви на второто издание на регионалниот музички фестивал „Мјузик авардс церемони“ (МАС), кој се одржа завчеравечер во преполната „Штарк арена“ во Белград. Тој беше номиниран заедно со: „Тропико бенд“, Наташа Беквалац, Антонија Шола, Илма Карахмет и „Лексингтон бенд“.
Заблагодарувајќи се за наградата, Лозано на македонски јазик го поправи водителот и рече дека не доаѓа од Северна Македонија, туку само од Македонија. Тој ги поздрави сите во регионот што го поддржуваат и вети уште многу хитови во иднина. Но Лозано не беше единствениот Македонец што учествуваше на оваа спектакуларна манифестација, која го обедини целиот регион. Беа номинирани 500 пејачи и групи од: Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и од Македонија. Меѓу номинираните од нашата земја, освен наградениот Лозано, беа и Аки Рахимовски и Гуру Харе, „Некс тајм“, Калиопи, Тамара Тодевска, Антонија Гиговска, „ДНК“, „Дупер“, „Слаткаристика“ и „Два бона“, Елена Ристевска…
Меѓу водителите беше и нашата Тамара Тодевска, а нејзината сестра Тијана Дапчевиќ, заедно со уште десетина музичари учествуваше во специјалниот настап во чест на неодамна загинатиот српски хипхоп-артист Далибор Андонов Гру. Исто така, таа заедно со „Фрајле“ ја доби наградата за најдобра соработка, во новата верзија на песната „Негатив“.
На грандиозната сцена во „Штарк арената“, која според некои коментари беше подобра и од евровизиската, одличен настап имаше и нашата Калиопи, која на маестрален начин го изведе својот најголем хит „Бато“, а заедно со Тијана беше и еден од промотерите и доделувачите на награди. Мошне впечатливи беа и настапите на: Оливер Мандиќ, кој ја доби и наградата за трајни вредности, на Тончи Хуљиќ, Јелена Розга, Лепа Брена, Буба и Џала, Нина Бадриќ, Невена Божовиќ, САРС, „Балканополис“, Мањифико, „Ху си“, Сара Јо, Александра Радовиќ и Сенидах, на која ѝ беше доделено највисокото признание на вечерта „златна статуетка“.
Дел од приходите од влезниците организаторите ќе пренасочат за УНИЦЕФ во хуманитарни цели, за програмите за полова рамноправност.