Почивале со векови на дното на Јадранското и Јонското Море, полни со богатство и обложени со школки, бродските остатоци покрај албанскиот брег сега се мета на подморски крадци.
Од 2006 година американското здружение РПМ Наутикал Фаундејшн идентификувало четириесеттина остатоци од бродови долж 450 километри од албанскиот брег.
Таму има потонато антички бродови, римски, можеби и феникиски, грчки или илирски, понекогаш од 7. век пред нашата ера, но и современи воени бродови. Но, денеска поголем дел од богатството што лежело на длабочина од 20 до 30 метри речиси целосно исчезна без трага, вели археологот и историчар на уметноста Неритан Цека.
Иако албанските води беа недостапни за странските нуркачи за време на комунизмот(1944-1990), денеска се целосно отворени, а со оглед на тоа што оваа земја не располага со доволно средства за строг надзор на својот брег, ловците на богатства ја користат оваа можност за да ги пустошат бродските остатоци.
– Бев меѓу првите сведоци на тоа исклучително богатство нуркајќи на почетокот на осумдесеттите години – додава Цека, при тоа додавајќи дека видел амфори, глинени садови, археолошки предмети кои денеска ги нема.
Тој уште вели дека грабежот бил изведен на варварски начин.
Според него, Албанците и странците соработувале во криумчарењето на археолошките предмети.
Тешко е да се процени колку изнесува вкупната вредност на криумчарењето со античките предмети во Албанија.
На светско ниво, станува збор за повеќе од 3,5 милијарди евра годишно, според проценка на Аурон Таре, Албанец што претседава со Научно-техничкиот комитет за културно наследство при УНЕСКО.